Прекин на гласањето во избирачко место бр. 1734 во Струмица
Недела, 7 април 2013 – Едночасовен прекин на избирачкото место број 1734 во Струмица. Инцидентот настанал кога гласач при обид да го стави гласачкото ливче, кое било повеќепати превиткано, го искршил капакот од гласачката кутија, информира претседателот на Општинската изборна комисија Васил Крстев.
„На местото, во присуство на полиција извршивме увид и замена на искршениот капак. Со оглед дека овде имаше прекин на гласањето, тоа ќе биде продолжено за 62 минути, што значи гласачкото место 1734 ќе биде затворено во 20 часот и 2 минути“ изјави Крстев.
Во Струмица, каде се прегласува на три избирачки места, до 10 часот своето избирачко право го оствариле 15 проценти од граѓаните.