/ Прочитано:

774

Прекршочна постапка и казни до 300 евра за оние што ќе одбијат да се попишат, најавуваат од Владата

„Имаме прецизни протоколи скроени за безбедно спроведување. Подготвени сме за секој детаљ, за секоја ситуација. Стандардите за заштита се највисоки и во целост ги штитат граѓаните и попишувачите. Пописот се спроведува и ќе се спроведе целосно безбедно, по сите стандарди, без застој. Овие протоколи и досега давале целосна заштита во други процеси. Сите заштитувајќи се себеси ги следат многу строго протоколите токму за да нема потреба од одложувања“, истакна портпаролот на Владата, Душко Арсовски, на заедничката прес-конференцијата со Јасмина Ѓоргиева од Државниот завод за статистика.

На прес-конференцијата за тековните активности во рамките на Пописот 2021 на населението, домаќинствата и становите, претставничката на Државниот завод за статистика Ѓоргиева ги сподели најновите податоци, информирајќи дека во дијаспората значајно над очекуваното во последното деноноќие се самопопишале над 20.000 македонски државјани кои живеат во странство и вкупната бројка изнесува 121.580 државјани.

На прес-конференцијата повторно беше упатен повик до граѓаните кои живеат во странство да земат учество во Пописот 2021, нагласувајќи дека станува збор за едноставен, брз и безбеден статистички процес.

Во однос на активностите во државата, Ѓоргиева соопшти дека изминатиот викенд завршил дополнителниот конкурс за попишувачи, и изрази задоволство од одѕивот – се пријавиле над 2.600 попишувачи или околу 800 повеќе од потребниот број. Таа истакна дека започнуваат тестирањата, по што ќе се добијат финалните резултати и ќе се изготват решенијата за ангажирање на попишувачите.

Таа истакна дека нема никаков застој и дека сè се одвива според планот и зацртаните рокови. Во следните денови продолжува дистрибуцијата на материјалите за пописните комисии, а почнува и обуката на реонските инструктори.

На прес-конференцијата беше истакнато дека учеството во пописот е можност за секој граѓанин сам да придонесе во креирање на сопствената и заедничката иднина.

„Учеството е задолжително. Кривично се одговара за поттикнување на бојкот на оваа најважна статистичка операција. За тие што ќе одбијат да се попишат ќе биде почната прекршочна постапка, а казните се до 300 евра“, истакна портпаролот Арсовски и посочи дека одложувањето на пописот не е опција.

Во одговорот на новинарско прашање во однос на иницијативите кои се насочени кон поттикнување бојкот на Пописот 2021 на прес-конференцијата беше истакнато дека се очекува кај граѓаните да преовлада чувството за неопходност од оваа статистичка операција и податоците кои ќе се добијат од неа.

„Се забранува пиење и јадење за цело времетраење на попишувањето во домот“

Соопштение од Владата за пописот на дијаспората

Левица го оспори Законот за попис пред Уставниот суд

Пендаровски го потпиша Указот за прогласување на Законот за попис

Одредбите од Законот за попис за тоа кои лица ќе се опфатат со пописот

Законот за попис на собраниска седница

Предлог-законот за попис пред Законодавно-правната комисија

Глобите и кривичното дело во Предлог-законот за попис

Предлог-законот за попис со европско знаменце на собраниска седница

И Предлог-законот за попис на дневен ред на Комисијата за европски прашања

Откажана расправата за Предлог-законот за попис пред Комисијата за европски прашања

Презентирани новините во Законот за попис на населението

Утврден текстот на Предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите

Објавен текстот на Предлог-законот за попис

Новиот Закон за попис се подготвува во Министерството за правда

М.В