/ Прочитано:

1.054

Преку 4 чекори, за 15 дена до одобрение за градење

Петок, 26 април 2013 – Електронскиот систем за издавање одобренија за градба, што треба да почне да се применува од 1 јуни, е многу поедноставен и потранспарентен  во споредба со досегашниот, изјави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески. Тој заедно со претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Град Скопје Коце Трајановски денеска го презентираа софтверот пред претставници на градежни компании, раководители на секторот за урбанизам на поголемите општини и директори на јавните претпријатија. Новиот софтвер треба да овозможи дозвола за градба наместо за 45 дена да се добие за 15 дена доколку предметот е со комплетна документација.

Постапката, појасни Јанакиески, опфаќа четири чекори, од доставување на барањето до издавање на одобрението за градење.

„Подготовка во рамки на која се доставува барање и заедно  со потребните документи се внесува во системот, а доставените документи електронски се потпишуваат и се  проследувaат до соодветната општина или до Министерството за транспорт и врски“, посочи Јанакиески.

Со новиот систем се овозможува и трето лице да може да поднесе барање во име на барателот на одобрението, а министерот очекува во наредниот  период да има специјализирани компании за таа намена. Тој концепт веќе се применува во Сингапур, од каде се користени искуства  при изработката на решенијата од софтверот.

Системот, како што рече, Јанакиески, е конципиран заедно со вработените во општините, а наредните 40-ина дена ќе бидат доволни за нивна обука за да се стекнат со знаења да работа со него.

Според Јанакиески, од 1 јуни Македонија ќе биде  прва држава во регионот која ќе издава  одобренија по електронски пат, а граѓаните ќе добијат поедноставни и побрзи услуги.

„Со воведување на овој систем очекувам дополнително олеснување во постапката на сите процедури во одобренијата за градба, но и прогрес на Република Македонија во делот на одобренија за градења на листата на Светската банка“, истакна министерот за транспорт.

Претседателот на ЗЕЛС Трајановски рече дека се очекува со обуката на општинската администрација за примена на софтверот за издавање одобренија за градење во следниот период да бидат опфатени 1.000 лица. Тоа ќе бидат кадри од одделенијата за урбанзиам, за финансии и од архива, но и од други целни  групи кои ќе имаат потреба.