/ Прочитано:

1.162

ПРЕКУ АДВОКАТСКИТЕ ЗНАЕЊА ДО ВЛЕЗ ВО ПРОФЕСИЈАТА: Македонски студенти на меѓународен натпревар по деловно право

Среда, 3 јуни 2015 – Македонски студенти по право заедно со своите колеги од Србија, Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина ќе учат од адвокатите од регионот и ќе учествуваат на „Биг дил“ регионален натпревар по деловно право кој се одржува во Србија.

Пренесување на знаење од областа на деловното право низ практична едукација

„Биг дил“ е натпревар од областа на деловното  право наменет за студенти по правни студии и претставува симулација на трансакции во кои се спроведуваат статусни промени на трговското друштво. Целта на проектот е пренесување на знаење од областа на деловното право низ практична едукација, а најдобрите студенти по право од Македонија, Србија, Хрватска, Словенија и од Босна и Херцеговина ќе ги имаат можност да ги презентираат своите знаења на натпреварот што опфаќа работа на правна анализа, документирање на замислено трговско друштво, изработка на извештај за правната анализа и преговори за изготвување договор за пренесување на удел.

Инаку, проектот „Биг дил“ е во организација на регионалната мрежа на адвокатски канцеларии „Топ-тајар лигал Адриатик“, а натпреварот го организира македонското Адвокатско друштво Дебарлиев, Дамески и Ќелешоска, од каде што најавуваат дека од големо значење за ваквиот натпревар е можноста да се работи со искусни адвокати.

Помош и едукација од искусни адвокати

На овој начин студентите ќе имаат можност да се соочат со одредени проблеми кои се случуваат во правно-деловната пракса и да ги решат во реални услови, а во заокружување на своето знаење ќе им помогнат искусни адвокати кои ќе ги споделат своите знаења со студентите како брзо и лесно да се подготват во спроведување на трансакцијата и да се здобијат со познавања и практични искуства.

За таа цел учесниците од регионалните правни факултети деновиве го започнаа процесот на подготовки во период од шест месеци, кој ќе резултира со натпреварот, чија финална фаза ќе се одржи на крајот на годината.

Некои од најдобрите студенти кои ќе покажат солидни резултати на натпреварувањето ќе добијат можност и за тримесечна пракса, но и за постојано вработување во адвокатските фирми кои стојат како организатори на натпреварот.

Јелена Газивода: Можност за пракса и вработување за најдобрите

„Ние сме многу задоволни што оваа година проектот е на значително повисоко ниво во споредба со сите претходни и што учениците од Хрватска, Словенија, Македонија и Босна и Херцеговина ќе имаат можност да учат од адвокатите во регионот“, вели Јелена Газивода од Адвокатското друштво ЈПМ.

 Адвокатката објаснува дека основните принципи на кои е замислен проектот се непроменети, што значи дека сите студенти кои учествуваат во големиот проект ќе имаат шанса да се здобијат со одлично познавање од областа на комплексните трансакции, фазите што ги придружуваат, но и со предизвиците со кои се соочуваат со таквиот процес.

Меѓународните натпревари се суштински битни за адвокатурата

Интересот на адвокатските друштва на глобално ниво за ваков тип натпревари е чест случај, што често го нагласуваат учесниците на натпреварите за јавно говорење, дебати и симулациони судења. Љубен Коцев, најдобриот оратор на најреномираниот глобален натпревар по меѓународно арбитражно право, вели дека меѓународните натпревари општо се особено интересни и суштински битни и за адвокатурата и дека адвокатските канцеларии треба да ги имаат предвид бенефициите и предностите од нив кои се во интерес и на самите студенти.

„Тимовите што одат на меѓународните натпревари најчесто се спонзорирани од адвокатски канцеларии, кои потоа  ги вработуваат кај нив, односно на некој начин самите го селектираат најквалитетниот кадар, меѓу другото, и самите адвокатски фирми се презентираат на тие натпревари. Исто така, адвокатите се вклучени и во самите подготовки, првично дури и натпреварите се одвиваат во адвокатските канцеларии. Оттука, јасно е дека  бенефицијата  од овие натпревари е голема и за адвокатурата, односно за сите инволвирани – државата, универзитетот, студентите, адвокатските фирми“, вели Коцев.

М.В / veljanoskim@akademik.mk