/ Прочитано:

1.269

Преку мобилни телефони ќе се следи работата на администрацијата

Понеделник, 11 февруари 2013 – По примерот на Финска, Министерството за информатичко општество и администрација почна да го спроведува пилот проектот „Воведување систем за следење предмети преку мобилни технологии“. Преку проектот ќе се следи работата на администрацијата. 

Министерството за информатичко општество и администрација почна да го спроведува пилот проектот „Воведување систем за следење предмети преку мобилни технологии“ за следење на предметите во администрацијата.

„Секој вработен во администрацијата со користење на мобилниот телефон на кој има камера и интернет, ќе може да го сними документот, односно неговиот бар код, и да го испрати до другите вработени кои имаат обврска за постапување по тој документ. На крајот од денот ќе може да се согледа статистиката каде стигнал документот, кој од вработените ја завршил работата, а кој не. Со тоа и претпоставените ќе имаат увид во ефективноста на работата на службениците. Најмногу потреба и корист од овој проект ќе имаат подрачните единици, односно оние институции кои нудат услуги за граѓаните“, информираше министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски на денешната прес-конференција.

Проектот ќе се спроведе и во државни органи кои се уште немаат имплементирано електронски системи за следење на предмети, а неговата главна цел е воспоставување на интегриран систем за управување со документи во органите на државна управа.

Министерот додаде дека во иднина и самите граѓани ќе можат да го скенираат бар кодот од документот и со тоа ќе имаат увид во својот предмет кој го поднеле до определена институција.  На тој начин, граѓаните нема да имаат потреба постојано да доаѓаат на шалтерите и во канцелариите, прашувајќи до каде е работата со нивниот предмет.