/ Прочитано:

7.340

Преку наследноправната теорија до суштински реформи во наследното право

Потребен е нов квалитет во регулирањето на наследното во рамки на граѓанското право со што ќе се надминат сите недоречености кои предизвикуваат проблеми низ праксата. За таа цел потребни се темелни реформи на наследното право, истакнуваат проф. д-р Дејан Мицковиќ и доц. д-р Ангел Ристов од Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Проф. д-р Дејан Мицковиќ и доц. д-р Ангел Ристов ги елаборираат насоките и препораките за тоа како треба да се движат реформите во наследното право во книгата „Реформа на наследното право во Република Македонија“,  за која велат дека претставува теоретска основа за расправата и за идните решенија во делот на наследното право кое ќе биде уредено во Книга 4 од Граѓанскиот законик.

„Во Република Македонија во тек е подготовката на Граѓанскиот законик, што ќе претставува најголемата реформа во граѓанското право во државата, од нејзиното осамостојување до денес. Со изработката на Граѓанскиот законик се очекува целокупната материја од сферата на граѓанското право, вклучувајќи го и наследното право, да биде уредена во еден законски текст на еден сеопфатен и систематски начин, со што ќе се добие нов квалитет во регулирањето на граѓанското право и ќе се надминат правните празнини, недоречености и противречности кои постојат во законите што ја регулираат оваа материја“, нагласуваат Мицковиќ и Ристов.

Професорите по наследно и семејно право посочуваат дека нивниот труд прави темелна анализа на постојните законски решенија во сферата на наследувањето и во таа насока укажува на правните празнини и на законските решенија кои создаваат проблеми и дилеми во практиката.

За таа цел, додаваат Мицковиќ и Ристов, во трудот се даваат конкретни предлози за реформи кои ќе се базираат на наследноправната теорија од европските држави, како и на решенијата од споредбеното право и судската пракса.

Со Граѓанскиот законик треба да се интегрираат нормите со кои се уредуваат граѓанскоправните односи. Декларираните цели за Граѓанскиот законик како дел од македонското законодавство се кодификација на граѓанското право, што од нормативно-правен аспект подразбира интегрирање на нормите со кои се уредуваат граѓанскоправните односи во комплетен и непротивречен систем, а во насока на поголема внатрешна хармонизација, усогласеност на правото и создавање на правна сигурност.

М.В