/ Прочитано:

1.008

Преку отворените податоци до олеснет пристап на граѓаните за информации за работата на државните институции

Изработката на Стратегијата и Акцискиот план за отворени податоци е дел од проектот „Поддршка на реформите во јавната администрација“, поддржан од Британската амбасада, а имплементиран од Центарот за управување со промени.

Во врска со Стратегијата и Акцискиот план, од МИОА велат дека пристапот на граѓаните до информации за работата на државните институции ќе се зголеми и олесни, а транспарентноста ќе доведе до зголемување на ефикасноста и отчетноста во процесот на донесување одлуки. Тоа ќе го зајакне односот меѓу граѓаните и државните институции и ќе помогне во градењето доверба на граѓаните во институциите.

„Широката употреба на дигиталните технологии  ги прави овие содржини сѐ повреден ресурс во изготвувањето на иновативните производи и услуги со додадена вредност. Отворените податоци можат да бидат и еден од главните извори на образовно и културно знаење за целата земја. Првиот и најпрактичен начин за стимулирање на економијата се новите бизниси. Достапноста на отворените податоци за бизнис секторот ќе овозможи трансформација на отворените податоци во нови производи и услуги. Достапноста на начин кој ќе овозможи понатамошна слободна употреба ќе доведе до создавање нови бизниси или нови услуги и производи во рамките на постојните бизниси“, вели министерот Дамјан Манчевски.

„Кога некој податок не е објавен, граѓаните мора да знаат што е причината за тоа. Владата прави значителен исчекор во тој дел и Британската амбасада тоа го поздравува и го поддржува“, вели  заменик-амбасадорот на Велика Британија, Пол Едвардс.

Во наредниот период МИОА ги повикува сите засегнати страни и заинтересирани граѓани да испраќаат забелешки и предлози на објавената нацрт-верзија на Стратегијата и Акцискиот план за отворени податоци и со тоа да придонесат кон дефинирање на документи кои ќе ги пресликаат потребите на граѓаните за добивање на квалитетни услуги поблиску до нив.

М.В