/ Прочитано:

3.393

Преку  проектот „Една точка на услуги“ граѓаните на едно место ќе добиваат повеќе од 40 услуги од институциите

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, и постојаниот координатор на ОН и претставник на УНДП во Македонија, Луиза Винтон,  денеска го најавија почетокот на проектот „Една точка на услуги“ и почетокот на функционалната хоризонтална анализа на јавната администрација. Покрај најавата на проектот, Манчевски и Винтон денеска потпишаа меморандум за соработка, со што започнува имплементацијата на проектот „Една точка на услуги“ и хоризонталната функционална анализа на јавната администрација.

„Овие два проекти се од големо значење за граѓаните, со оглед на тоа што стратешка цел на Владата и на МИОА е администрацијата да дава ефикасни, брзи, достапни и поевтини услуги на граѓаните. Една точка на услуги значително ќе го намали времето на чекање на граѓаните при добивањето на услугите. Шалтерите ќе даваат услуги за корисниците во две смени. Ова ќе биде голем чекор напред кон создавање на јавна администрација која ќе биде вистински сервис на граѓаните“, рече министерот Манчевски.

Со проектот „Една точка на услуги“ граѓаните на едно место ќе можат да добијат повеќе од 40 услуги и информации, и тоа од следните институции: Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт и врски – Секторот за патен сообраќај и инфраструктура, Управата за јавни приходи, Агенцијата за катастар на недвижности, Агенцијата за вработување, Министерството за труд и социјална политика – Центрите за социјална работа, Централниот регистар, Фондот за здравствено осигурување, Управата за водење матични книги, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и Министерството за економија.

Министерот нагласи дека ова е само првата фаза од проектот, кој понатаму треба да прерасне во „Центри за јавни услуги“, односно една точка за услуги во повеќе градови во државата. Во однос на хоризонталната функционална анализа на органите на државната управа и агенциите, министерот посочи дека процесот ќе започне со мапирање на сите институции во државата според вид, статус, надлежности и линии на отчетност и, во согласност со резултатите од мапирањето, ќе биде изработен детален каталог на институции, кој ќе биде јавно достапен.

„Анализата треба да даде реална слика за состојбата во администрацијата и да ги реши проблемите поврзани со отчетноста внатре во администрацијата и со преклопувањето на надлежностите. Овој вид на анализа се спроведува за првпат во Македонија и треба да одговори на голем број прашања и дилеми за тоа кои промени се неопходни во администрацијата. Реорганизацијата на администрација ќе се прави во согласност со резултатите добиени од функционалната анализа“,  посочи министерот Манчевски.

Одговарајќи на новинарски прашања, Манчевски денеска изјави дека нема да има отпуштања во јавната администрација, а нови вработувања ќе има во согласност со потребите. Анализите, нагласи министерот, ќе ја дадат вистинската слика за состојбите во администрацијата.

„Ние немаме инженери, градежни инженери, немаме архитекти, немаме доволен број на правници. Немаме доволен број на висококвалификувани луѓе за да ги преземат раководните места во администрацијата, истакна Манчевски, додавајќи дека вработувањата ќе бидат во согласност со потребите, а самиот процес на вработување ќе биде транспарентен“, рече Манчевски.

Во врска со огласот за вработување службеници во Собранието на Република Македонија во којшто е наведена националноста, Манчевски истакна дека  е дискриминаторски и дека се бараат начини да се исправат грешките. За таа цел веќе имаат доставено предлог-амандмани за Законот за административните службеници, кој е во собраниска процедура.

„Наш став е дека Законот има поголем број на аномалии, но сите заедно треба да разговараме кои се промените што треба да се случат. Факт е дека Законот не е идеален и не може да ги реши сите проблеми со кои се соочуваат граѓаните. Има вакви ситуации и ќе се обидеме да најдеме начини да ги исправиме грешките“, подвлече Манчевски.

М.В