/ Прочитано:

3.882

Прелиминарни резултати од изборите: ВМРО-ДПМНЕ освои 452 709 гласа, а СДСМ освои 436 469 гласа

ДИК соопшти дека по обработени 99,72 отсто од гласовите, ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија освоиле 452 709 гласа, СДСМ и Коалицијата за живот освоиле 436 469 гласа, ДУИ освоила 86 812, движењето БЕСА освоило 57 927, Алијанса за Албанците освоила 35 091 и ДПА освоила 31 017 гласа. Претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, рече дека до три часот изутрината не се пристигнати приговори во врска со изборниот процес.

Државна изборна комисија

Предвремените парламентарни избори поминаа мирно и во демократска атмосфера, заклучи Државната изборна комисија, која околу 3 часот по полноќ ги објави прелиминарните резултати од гласањето. ДИК соопшти дека по обработени 99,72 отсто од гласовите, ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија освоиле 452 709 гласа, СДСМ и Коалицијата за живот освоиле 436 469 гласа, ДУИ освоила 86 812, движењето БЕСА освоило 57 927, Алијанса за Албанците освоила 35 091 и ДПА освоила 31 017 гласа.

Претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, рече дека до три часот изутрината не се пристигнати приговори во врска со изборниот процес. Граѓанската асоцијација МОСТ која го следеше текот на изборниот ден заклучи дека според бројот на пратенички места двете најголеми партии во Македонија, ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ, се многу блиску.

„МОСТ заклучува дека двете водечки партии, според бројот на освоени гласови, се преблиску една до друга и оваа разлика во распределбата на мандати, во зависност од маргината на грешка којашто е изразена по секоја од изборните единици, влијае на тоа кој ќе освои најмногу мандати“, рече Дарко Алексов од МОСТ.

Инаку, синоќа и ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ славеа победа. Лидерот на ВМРО –ДПМНЕ, Никола Груевски, обраќајќи се до членството, истакна дека и на овие избори победи ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија.

„Македонија повторно имаше фер и демократски избори на кои граѓаните демократски гласаа и го кажаа своето мислење. Во фер и демократска атмосфера Македонија постигна успех на овие избори. ВМРО – ДПМНЕ  е победник на овие избори во Република Македонија. Ова е 10-та изборна победа по ред на ВМРО –ДПМНЕ, 10-ти пат мнозинството граѓани гласаа и со најголем број го поддржаа ВМРО – ДПМНЕ и нашата програма, визија и тим. Кризата мора да заврши. ВМРО – ДПМНЕ на овие избори имаше исклучително тежок противник и тоа знаете дека не беше само СДСМ“, изјави Груевски.

Откако и СДСМ и Коалицијата прогласи победа, членството славеше пред Владата на Република Македонија, каде што се обрати лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

„Режимот падна. Победи животот. Бидете среќни и горди. Испишавте историја. Ќе имате што да им кажете на внуците. Јас се гордеам со вас. Македонија е горда земја, среќна земја. Ова се навистина историски моменти. Покажавме со многу трпение, со многу посветеност, му покажавме на цел свет, но најважно ставивме печат дека Македонија ќе биде слободна, напредна земја, единствена. Радувајте се“, истакна Заев.

На овие избори најголем пресврт имаше во партиите од албанскиот блок. Според информациите од ДИК, ДУИ освои најголем број гласови, 86 812, додека на второ место е движењето БЕСА кое освои 57 927 гласови. По ваквиот исход, албанските партии изгубија голем број пратенички мандати.

А. Б.