/Прочитано:

723

Препораки на Агенцијата за администрација за потребата од усогласени прописи и  навремено доставување на правосилните пресуди

„Агенцијата, и во текот на 2017 година, активно продолжи со остварување на својата цел да им испорача професионални услуги на граѓаните, на административните службеници, на органите на државната служба и на институциите на јавниот сектор, како и на сите други заинтересирани страни, на начин што доследно ги извршуваше своите законски надлежности, особено во делот на објавувањето на огласи и спроведување на постапките за селекција на кандидати за вработување на административни службеници, обезбедување на заштита на правата на административните службеници во втор степен, како и спроведување на испитот за административно управување“, се вели во Годишниот извештај на Агенцијата за администрација, кој е доставен во Собранието на РМ.

Во постапките за селекција на кандидати за вработување на административни службеници, при спроведување на фазата на административната селекција, посочуваат од Агенцијата за администрација,  комисиите за селекција се соочија со тешкотии при примена на Класификацијата на научно-истражувачките подрачја, полиња и области според меѓународната Фраскатиева класификација („Службен весник на Република Македонија“ бр. 103/2010) во насока на утврдување на видот на образование. Во оваа фаза имаше тешкотии и при утврдување на валидноста на доказот за општа здравствена способност за работното место, како и утврдување на видот на работното искуство на кандидатите и формата на докажување на работното искуство во струката.

Комисијата за одлучување по жалби и приговори на административните службеници во втор степен се соочи со тешкотии во одлучувањето поради неусогласеност, односно колизијата на посебните закони и нивните подзаконски акти и колективни договори со Законот за административни службеници, Законот за вработените во јавниот сектор и подзаконските акти кои произлегуваат од овие закони, особено во делот за правата и обврските на административните службеници.

Во одреден број случаи, истакнуваат од Агенцијата, првостепените органи воопшто не ги доставуваа потребните дополнителни податоци, неопходни за правилно одлучување по жалбите/приговорите на административните службеници, или ги доставуваа по истекот на законски утврдениот рок од осум работни дена, а неретко доставуваа и некомплетирани податоци/писмени докази, што влијаеше врз одолговлекување на постапката за одлучување по жалби и приговори на административните службеници, како и одлучување само врз основа на расположливите писмени докази.

Потребно е, препорачуваат од Агенцијата за администрација, Законот за административни службеници и Уредбата за спроведување на постапката за вработување на административни службеници да се доуредат во делот на спроведување на постапката за селекција на кандидати за вработување, особено во фазата на административната селекција.

Министерството за образование и наука да ја усогласи Класификацијата на научно-истражувачките подрачја, полиња и области според меѓународната Фраскатиева класификација во делот на видовите насоки на факултетите и постојните факултети.

Првостепените органи кои имаат вработено административни службеници да го почитуваат законски утврдениот рок од 8 работни дена за постапување по барањата на податоци за предметите по жалбите/приговорите на административните службеници, кои им се доставени од страна на Комисијата за одлучување по жалби и приговори на административните службеници во втор степен и да доставуваат комплетирани податоци.

„Посебните закони и нивните подзаконски акти и колективни договори да се усогласат со Законот за административни службеници и со Законот за вработените во јавниот сектор, како материјални закони, сè со цел остварување на правната заштита на административните службеници“, истакнуваат од Агенцијата во Годишниот извештај.

Исто така, додаваат од Агенцијата, потребно е и Државното правобранителство на Република Македонија навремено да ги доставува сите правосилни пресуди каде што Агенцијата се јавува како странка во постапката, особено во случаите по поднесени тужби против одлуки на Комисијата за одлучување по жалби и приговори на административните службеници во втор степен, со цел нејзина целосна евиденција и градење на добра пракса.

М.В

 

Спонзориран текст