/ Прочитано:

1.549

Препораки во Годишниот извештај за спроведувањето на Стратегијата за родова еднаквост

Годишниот извештај за спроведување на Стратегијата за родова еднаквост за 2017 година е на дневен ред на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите.

Стратегија за родова еднаквост 2013 – 2020 претставува национален стратешки документ донесен од страна на Собранието на Република Македонија, врз основа на членот 9 ставот 3 од Законот за еднакви можности на жените и мажите со цел унапредување на еднаквите можности на жените и мажите во севкупното општествено живеење во Република Македонија за периодот 2013 – 2020 година.

Спроведувањето на Стратегијата значи и исполнување на обврските преземени со пристапувањето кон Конвенцијата на ООН за елиминација на сите форми на дискриминација на жената, како и придонес кон исполнувањето на политичките критериуми за членство во Европската Унија.

Спроведувањето на оваа стратегија треба да овозможи конкретни достигнувања преку тековните општествени процеси насочени кон промовирање, зајакнување и спроведување на родовата еднаквост и остварување на еднаквост на жените и мажите како меѓусекторски, хоризонтален и универзален социјален и политички приоритет.

Во извештајот се вели дека сè уште постои недоволна свест за инкорпорирање на принципот на еднаквост и недискриминација во законската регулатива и политиките, како и кршење на овие принципи.

Потребно е донесување на нов Закон за спречување и заштита од дискриминација и промовирање на принципот на еднаквост и недискриминација во сите сфери на општественото живеење, како и обука за спроведување на овој закон од страна на сите надлежни институции.

Исто така, се вели понатаму во извештајот, потребно е континуирано спроведување и развивање на програмите кои ќе придонесат кон подобрување на здравјето на жените и мажите, a со тоа и на квалитетот на живеење.

Неопходно е унапредување на социјалната политика и намалување на сиромаштијата преку долгорочни решенија и реформи во системот на социјалната заштита во насока на подобрување на состојбата со родовата еднаквост.

Воедно, потребно е продолжување на процесот на економско зајакнување на жените и мажите во насока на подигање на животниот стандард и квалитет на живеење преку континуирано спроведување на програмите и активните мерки за вработување, како и развој на претприемништвото.

Потребна е и  реализација на Акцискиот план за спроведување на Конвенцијата, како и донесување на Законот за родово базирано насилство, со што ќе се овозможи ефикасна заштита на жртвите на сите форми на родово базирано насилство.

„Улогата на медиумите во подигање на свеста за родовите прашања и надминување на стереотипите за жените и мажите е особено значајна. Во овој контекст потребно е доследно спроведување на препораките и заклучоците нотирани во анализите на ААВМУ“, се вели во извештајот.

М.В