/ Прочитано:

1.353

Препораки за законски измени во врска со администрирањето на даноците на имот

Постојат сериозни проблеми во администрирањето на даноците на имот во Скопје, за чие надминување се неопходни промени на законите за даночна постапка, за даноци на имот и на платен промет, и на методологијата за процена на имот. Со тоа ќе се намалат поплаките од граѓаните и ќе се подобри наплатата која не е на задоволително ниво, покажува денеска претставената анализа „Кон поефикасен и поправеден систем за даноци на имот“, спроведена во рамките на проект поддржан од Европската Унија.

„Првенствено треба да се промени пристапот во процената на вредноста на имотот со цел реално да се утврдува неговата вредност, а граѓаните да немаат поплаки дека нереално им се искажува висината на данокот“, изјави Александар Николов, извршен директор на Асоцијацијата за развојни иницијативи „Зенит“, која беше вклучена во подготовката на анализата.

Според Николов, методологијата за процена на недвижностите е доста сложена и најчесто не се излегува на терен за да се направи процена. Со методологијата се бара да се излезе на терен, но општините немаат доволно ресурси да го остварат тоа и да ги покријат сите имоти. Потребно е нејзино поедноставување и обезбедување за општините да можат да вршат увид на терен. Тоа најдобро би било да се направи во координација со Катастарот преку масовната процена, смета Николов.

Анализата покажала и дека има сериозни проблеми и во делот на присилна наплата на даночните решенија, каде што има случаи на граѓаните да им се наплаќа за веќе претходно платен данок. Граѓаните се пожалиле и на високите банкарски провизии, како и за извршување на решенијата за наплата. Има поплаки од граѓаните и од аспект на тоа што честопати не се исполнува законската обврска дека треба да им се остават две третини од приходот по основ на плата или пензија и на тој начин се доведува во опасност нивната егзистенција.

Како што рече Николов, некоординираноста на институциите е причина и за случаи на издавање решенија за данок на имот на починати лица, но и на поранешни сопственици на некој имот затоа што не е доставена информација за направената промена на сопственоста.

Според анализата, граѓаните се малку запознаени со можноста електронски да вршат преглед и плаќање на данокот на имот. Град Скопје воведе таква услуга, но се препорачува да се спроведе поголема кампања за граѓаните да се запознаат со можноста.

За спроведување на препораките од анализата, смета Николов, секогаш се проблем финансиите. Се надева дека за оваа намена Министерството за финансии ќе одвои дел од средствата од Програмата за управување со јавните финансии за кои добива речиси 40 милиони евра од ЕУ. Со тоа ќе им се помогне на општините да ги уредат подобро работите, да направат попис на имотот и ажурирање на адресниот регистар за да може да се зголеми процентот на наплата на даноците на долг рок.

Заклучоците од анализата беа соопштени пред претставници од Министерството за финансии, од Град Скопје и од други општини.

Анализата е завршна активност на проектот „Кон поквалитетни и подостапни услуги за граѓаните – мониторинг на даночната администрација во Град Скопје“, кој е поддржан од Европската Унија преку иницијатива што се спроведува во соработка со Институтот за европска политика и мрежа од 22 граѓански организации од шесте држави во Западен Балкан наречена ВЕБЕР.