Пререгистрирани 224.000 невработени лица: 125.000 не бараат активно работа
Вторник, 4 јуни 2013 – Од невработените евидентирани лица во Агенцијата за вработување на Република Македонија, во новите регистри се пререгистрирале вкупно 224.157 лица. Од нив 98.726 се пријавиле дека активно бараат работа, а 125.431 лице се во втората категорија кои не бараат активно работа. Ексминистерот за за труд и социјална политика Спиро Ристовски и актуелниот Диме Спасов, на заедничката прес-конференција во Владата на Република Македонија на која присуствуваше и директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски, објавија бројки во однос на оние што активно бараат работи и оние кои не бараат работа.
Согласно податоците што беа изнесени на прес-конференцијата, 28,8 проценти од регистираните невработени се неквалификувани, 17 отсто се квалификувани, 34,4 проценти се со средно образование, 16,9 отсто со високо и 2,8 отсто со вишо образование.
Според полот на оние што активно бараат работа, 56,5 проценти се мажи, а 43,5 проценти се жени. Според возраста, до 29 години се 28 отсто од оние кои активно бараат работа, 37,7 отсто се на возраст од 30 до 49 години, а 34,3 отсто се со 50 и повеќе години.
Во категоријата кои се изјасниле дека не бараат активно работа, 57,6 отсто се мажи, а 42,4 проценти се жени. До 29 години возраст се 20,2 отсто, 47,8 отсто се на возраст од 30 до 49 години и 32 проценти се над 50 години.
„Во следниот период многу конкретно ќе можеме да почнеме креирање соодветни политики, соодветни на структурата опфатена во двете категории и креирање и фокусирање на посебни програми за дообука и тренинг и особено значаен фокус на младите луѓе со нивна целосна подготовка во делот на образованието, но и во делот на преквалификациите и доквалификациите соодветно на потребите на пазарот на труд“, рече Ристовски, кој од минатата недела го презеде Министерството за образование и наука.
Очекувањата на Владата се дека таквите координирани политики на Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување, во многу ќе помогнат во креирањето на вистинската слика и обезбедувањето нови работни места.
Според новиот министер труд и социјална политика Диме Спасов, првичниот успех е направен. Пререгистрацијата, според него, е неопходна за креирање на наредните политики и мерки.
Пререгистрацијата на невработените почна во декември минатата година. Секое невработено лице требаше да подигне изјава од Агенцијата и да ја врати во рок од 60 дена. Бројот на невработени лица регистрирани во Агенцијата на крајот на 2012 година изнесувал 243.403 илјади.