/ Прочитано:

1.504

ПРЕСУДА „ФИМИ МЕДИА“: Девет години затвор за Иво Санадер, сите обвинети се прогласени за виновни!

Понеделник, 11 март 2014 – Иво Санадер е организатор на криминална група која извлекувала на пари од хрватските јавни претпријатија заради финансирање на ХДЗ, но и полнење на сопствениот „џеб“. Загрепскиот Жупаниски суд го прогласи поранешниот хрватски премиер за виновен за извршување на кривичните дела злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и го осуди на единствена казна затвор од девет години. За виновни во најголемата корупциска афера во Хрватска „Фими медиа“ се прогласени и останатите обвинети, меѓу кои и партијата ХДЗ.

Образложувајќи ја  пресудата, судијката Ивана Чалиќ посочи дека се утврдило дека обвинетите извлекувале пари од државните претпријатија преку маркетинг агенцијата „Фими медиа“.

„Се покажа дека овие пари,  Иво Санадер му ги предал Младен Баришиќ. Со извлечените пари била финансирана ХДЗ, а ова го овозможила Бранка Павошевиќ“, се вели во пресудата.

Санадер, се наведува во пресудата, организирал група на луѓе со цел сторување на кривично дело. Ратко Мачек, Младен Баришиќ, Бранка Павошевиќ и Невенка Јурак биле дел од неговата криминална банда.

Во пресудата се посочува дека Санадер во аферата „Фими медиа“ нелегално стекнал 15.275.000 куни, додека ХДЗ стекнала корист од 24.254.497 куни. Невенка Јурак, сопственичката на „Фими медиа, според судот, за себе задржала над два милиона куни.

Некогаш најмоќниот човек во Хрватска, со оваа првостепена пресуда е осуден на единствена казна затвор од 9 години, но ќе му биде засметано времето поминато во истражен затвор. На Санадер исто така ќе му биде одземен и имотот стекнат со извршување на кривичните дела.

Освен парите кои се наоѓаат на неговата и сметките на неговото семејство, ќе му бидат одземени и уметничките слики пронајдени во неговиот дом.

Поранешниот благајник на ХДЗ, Младен Баришиќ, кој ја призна вината е осуден на единствена казна затвор од три години. Поранешниот портпарол на партијата, Ратко Мачек, кој покрај Санадер исто така не признава вина, е осуден на условна казна од една година доколку во следните 4 години не го повтори кривичното дело. Ексшефицата на сметководството на ХДЗ Бранка Павошевиќ е осудена на 18 месеци затвор, додека сопственичката на „Фими медиа“ Невенка Јурак доби две години затвор. Павошевиќ и Јурак признаа дека ги сториле делата за кои се товарат.

Партијата ХДЗ, која е обвинета за кривичното дело  злоупотреба службената положба кое произлегува од кривичната одговорност на Санадер и Павошевиќ е казнета со паричен износ од 5 милиони куни. Исто така на ХДЗ ќе и бидат одземени парите кои според пресуда се противзаконски стекнати. ХДЗ ќе остане без 2 милиони куни и 300 илјади евра, уплатени на сметка за купување на БМВ-то за Санадер, а во државниот буџет, партијата ќе треба да уплати додатни 17 милиони куни.

Обвинителството во постапката која траеше две години и за време на која беа испитани повеќе од 130 сведоци, за Санадер побара макасимална казна затвор, која не може да биде подолга од 15 години затвор и одземање на  24 милиони куни (повеќе од 3 милиони евра).

Поранешниот премиер тврди дека е невин, односно дека е мета на политички прогон. Неговите адвокати најавија жалба до повисокиот суд. Сметаат дека нивниот клиент немал праведно судење. Според нив, пресудата е донесена исклучиво на исказот на обвинетиот Баришиќ кој ја призна вината. 

Инаку против Санадер се водат повеќе постапки за корупција. Неправосилна пресуда е донесена и за  обединетиот  предмет за случаите „Ина-Мол“ и „Хипо банка„. Со оваа пресуда тој е осуден на единствена казна затвор од 10 години за воено профитерство и за земање на мито во висина од 10 милиони евра од шефот на унгарската компанија „МОЛ“ со цел препуштање на мнозинските права во петролејската компанија „ИНА“.

>> Целиот предмет проследете го тука.