ПРЕСУДА: Казна затвор од шест и пол години за возачот кој ја прегази студентката Фросина Цековска
За делото тешки дела против безбедноста на луѓето судот му одреди казна затвор од 6 години и 4 месеци, додека за делото неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода му одреди казна затвор од 5 месеци, или единствена казна затвор за двете дела од 6 и пол години. Покрај тоа, Судот му изрече забрана на Видојковиќ да управува со моторно возило во рок од една година.
Судот го прогласи за виновен Љубиша Видојковиќ кој беше обвинет за прегазувањето на студентката Фросина Цековска. За делото тешки дела против безбедноста на луѓето судот му одреди казна затвор од 6 години и 4 месеци, додека за делото неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода му одреди казна затвор од 5 месеци, или единствена казна затвор за двете дела од 6 и пол години. Покрај тоа, Судот му изрече забрана на Видојковиќ да управува со моторно возило во рок од една година.
Денеска, во Кривичниот суд во Скопје, Обвинителството и одбраната дадоа завршни зборови во процесот што се води против обвинетиот Видојковиќ, кој во април 2015 година ја прегази студентката Фросина Цековска.
Пред почетокот на судењето обвинетиот Видојковиќ до Судот и до присутните се обрати со извинување поради спреченоста да присуствува на рочиштето пред две недели, на кое требаше да се дадат завршните зборови. Неговиот адвокат Игор Мицев до Судот и до Обвинителството достави медицинска документација како потврда дека обвинетиот бил спречен да присуствува поради здравствени проблеми.
Обвинителката Наташа Гоџовска во својот завршен збор истакна дека од доказите изведени на главната расправа се докажуваат делата кои му се ставаат на товар на обвинетиот – тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода.
„Најтешкиот дел кај делата кои се предизвикани во сообраќајот е нивното докажување. Судската пракса најчесто ваквите дела ги третира како небрежност на сторителот за сообраќајните правила и за останатите учесници во сообраќајот“, рече Гоџовска во теоретското објаснување на природата на ваквите дела.
Обвинетиот, чиј идентитет не е спорен, иако во јавноста постоеше тенденција да биде оспорен, е снимен од безбедносните камери, но како клучен доказ е направената ДНА-анализа, со која се потврдува дека Видојковиќ управувал со возилото со кое била удрена Фросина, рече обвинителката.
„Обвинетиот направил неколку пропусти кои покажуваат дека делото е сторено со умисла. Прво, тој свесно, иако имал испиено неколку чашки ракија, односно имал 1,23 промили алкохол во крвта, како што покажа вештачењето, седнал зад воланот да вози. Второ, иако му бил познат теренот, тој возел со брзина поголема од дозволената, односно со 85 километри на час, и трето, иако бил свесен дека на булеварот Партизански одреди има семафори и пешачки премини, не ја намалил брзината кога се приближил до нив“, рече Гоџовска.
Со тоа, додаде таа, иако не ја сторил несреќата со умисла, свесно се согласил со евентуалните последици.
Обвинителката побара од Судот Видојковиќ да биде огласен за виновен за двете кривични дела кои му се ставаат на товар.
Адвокатот кој го застапува семејството на починатата Фросина Цековска во својот завршен збор истакна дека се приклучува кон кривичниот прогон на Обвинителството.
„Сакаме Судот при изрекувањето на пресудата да ги има предвид исказите на сведоците кои потврдија дека во моментот кога Фросина започнала да ја поминува крстосницата, семафорот за пешаци светел со зелено светло. Дополнително, обвинетиот, иако бил свесен дека во близина има пешачки премин, не презел ништо за намалување на брзината на возењето“, рече застапникот на семејството.
Тој истакна дека нема да прифатат никакво евентуално признавање на вина од страна на обвинетиот во овој дел од постапката, само за да добие помала казна, бидејќи во ниту еден момент во текот на процесот не изразил каење за стореното. Тој побара максимална казна за Видојковиќ.
Одбраната побара целосно ослободување од гонење за делото – тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот
Одбраната на Видојковиќ во својот завршен збор истакна дека Обвинителството во ниту еден момент не успеало да докаже дека обвинетиот го сторил делото кое му се става на товар.
„Напротив, и снимките од безбедносните камери и вештачењето покажаа дека виновник за несреќата не е обвинетиот, туку сега починатата, која поминувала пешачки на црвено светло на семафорот“, рече Мицев.
Оваа трагична сообраќајна несреќа беше медиумски многу експонирана со единствена цел – да се изврши притисок врз институциите при донесувањето на крајната одлука, рече Мицев.
„Одбраната нема намера да врши притисок, туку преку докажување сакаме јавноста да ја знае вистината. А вистината е една, и таа ја знаат сите овде во судницата и покрај силните емоции. Вистината е дека сега починатата поминала на црвено светло“, рече Мицев.
Во однос на другите околности под кои се случила несреќата, Мицев истакна дека во своите исказите вештите лица рекле дека присуството на алкохол во крвта не влијаело за причинување на несреќата.
„И трезен возач не би имал објективна и техничка можност да преземе дејствија за да ја избегне несреќата“, рече Мицев.
Обвинетиот во својот завршен збор ја призна вината за второто кривично дело кое му се става на товар – неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода.
„Бев во шок, но немав намера да бегам“, рече Видојковиќ пред Судот.
Тој побегна од местото на несреќата и сам се пријави во полициската станица „Ѓорче Петров“.
Сообраќајката во која загина студентката Фросина Цековска од Крива Паланка се случи на 3 април 2015 година на булеварот „Партизански одреди“ во близина на Универзалната сала.
М. С.
Обвинетиот за прегазувањето на Фросина Цековска не дојде на рочиштето за завршните зборови
Возачот обвинет за смртта на студентката Фросина не застанал по ударот затоа што бил во шок
Вештакот потврди дека несреќата можела да биде избегната доколку возачот возел со помала брзина
Семејството сè уште се сомнева дека обвинетиот е вистинскиот возач
Поднесено обвинение за сообраќајната несреќа кај Универзална сала