/ Прочитано:

8.585

ПРЕСУДА НА ЕСЧП: Македонска фирма ја доби правдата во Стразбур во врска со решение на УЈП за плаќање на ДДВ

Европскиот суд за човековите права донесе пресуда во случајот „Еуромак метал ДОО против Република Македонија“. Пресудата за случајот кој го водеше адвокатот Игор Спировски пред Судот во Стразбур е во корист на фирмата апликант „Еуромак метал“. Во овој случај, се вели во пресудата на ЕСЧП, има повреда на членот 1 од Протоколот 1 на Европската конвенција за заштита на човековите права, кој се однесува на заштитата на сопственоста.

Како што посочува Судот во Стразбур во пресудата, фирмата жалител била основана во 1998 година како друштво со ограничена одговорност. Била наменета за трговија со старо железо, и за таа цел купувала отпаден алуминиум, бакар, железо и други метали, ги преработувала, а потоа го нудела производот за продажба.  Фирмата жалител била регистрирана за целите на Законот за данокот на додадена вредност и пријавувала ДДВ на сите издадени фактури. Исто така, ДДВ бил пријавуван на сите дојдовни фактури. Со ова ѝ било овозможено на фирмата жалител периодично да бара одбивки за ДДВ од државата, што и го правела (во согласност со Правилата на системот на „претходен данок“).

Адвокатот Игор Спировски вели дека се работи за случај во врска со донесување решение на УЈП за наплата на ДДВ за фирмата, кој фирмата го платила и го одбила претходно врз основа на платен влезен данок на своите добавувачи. Финансиските притисоци и неоправданите финансиски обврски за фирмата, кои биле големи, резултирале со нејзино затворање. Фирмата престанала со работа поради извршувањето на даночните решенија и блокирањето на банкарската сметка.

„Се работи за фирма која се занимавала со преработка на метал и со производство на метални производи. Оваа фирма со години соработувала со добавувачи и ги плаќала фактурите и го плаќала искажаниот ДДВ на тие добавувачи. Меѓутоа, во 2009 година УЈП прави контрола во фирмата и утврдува дека некои од добавувачите не го уплаќале тој данок во државната каса или воопшто не пријавувале данок. И решението за  повторно плаќање  на претходно платен данок на оваа фирма е донесено врз тој аргумент дека добавувачите не ги извршиле своите даночни обврски кон државата, иако фирмата ги извршила сите свои обврски кон државата. Судот во Стразбур најде дека фирмата апликант во ваква ситуација не може да одговара за однесувањето на нејзините добавувачи и не може да ги контролира во таа смисла дали го плаќаат данокот или не и, секако, дека задолжувањето од страна на УЈП повторно да го плати истиот ДДВ кој претходно го платила на тие компании претставува „прекумерен товар“ што не е пропорционално на легитимната цел УЈП да ги прибира даноците. Според тоа, за Судот во Стразбур таквото задолжување на УЈП е повреда на Европската конвенција за заштита на човековите права, односно на првиот незин протокол во врска со мирното уживање на сопственоста. Според Судот, не може еден совесен плаќач или обврзник на ДДВ да биде задолжен да плаќа обврски кои не ги платил некој друг во системот на ДДВ. Тоа е принципиелноста на одлуката на Стразбур, која нашите управни судови не сакале да ја согледаат како што треба, иако тоа било главно правно прашање во целата постапка. Пресудите се засноваат на записникот на даночниот инспектор и буквално се преземени неговите реченици во записникот“, образложува Спировски.

Адвокатот Спировски посочува дека многу важен аспект во случајот е тоа што Судот во Стразбур ја продолжил постапката и по престанокот на правното лице. Покрај важноста на пресудата од аспект на процедурата, големо е нејзиното значење во смисла на охрабрување на домашните и европските фирми кои се соочуваат со вакви проблеми да ја бараат правдата пред Европскиот суд за човековите права. За пресудата веќе пишуваат и релевантните европски стручни списанија.

„Судот ја продолжи постапка и по престанокот на правното лице и по неговото бришење од трговскиот регистар. Во нашето право, во нашиот ЗПП, кога ќе престане правното лице, престанува секаква постапка, и ако нема правен следбеник друго правно лице, таа не може да продолжи. Но, во корист на заштита на правата од Конвенцијата и во корист на заштита на интересите на основачите на компаниите, ЕСЧП има заземено став и во неколку случаи прифаќа да продолжи постапката, иако правното лице во текот на постапката пред Судот, главно поради актите на државата кои довеле до таа апликација, престанало да постои. Таков е случајот со нафтената компанија ЈУКОС, на која ЕСЧП ѝ додели голема отштета. Од правно гледиште, за среќа, и во овој случај Судот одлучи дека треба да продолжи со постапката, особено со оглед на тоа дека се работеше за семеен бизнис, за брачни другари како основачи на компанијата кои имаат  легитимен интерес од завршницата на овој спор“, вели Спировски.

Значењето на оваа пресуда, вели адвокатот, е големо. Ова, додава тој, е втора или трета пресуда пред Стразбур, меѓу кои имаше и два бугарски случаи во кои принципиелно Судот се определи за ваков пристап.

„Пресудата е значајна и охрабрувачка не само за домашните правни лица туку и за правните лица во поширок контекст. Оваа пресуда веќе е објавена во правно списание во Полска, каде што коментаторот оценува дека околу 40 полски фирми се судираат со сличен проблем. Ова ќе биде основа и овие полски фирми да се повикаат на истите принципи и да ја побараат правдата пред Судот во Стразбур“, резимира адвокатот Игор Спировски.

М.В