/ Прочитано:

1.471

Пресуда на ЕСЧП во корист на македонски граѓанин кој се жалел на постапката пред Царинската управа

Европскиот суд за човековите права донесе пресуда за случајот „Костовски против Република Северна Македонија“. Пресудата на ЕСЧП е во корист на жалителот кој пред судот се жалел на повреда на член 6, став 1 од Европската конвенција за човековите права.

Апликантот Костовски во жалбата пред ЕСЧП наведува дека му било нарушено правото на правична постапка, бидејќи во прекршочната постапка не му била овозможена усна расправа, а доказите што ги предложил му биле одбиени од страна на државните органи, односно од страна на Царинската управа во Република Северна Македонија.

Имено, во 2014 година, апликантот, патувајќи со автомобил кон Србија заедно со својот син, бил запрен од царинските службеници на граничниот премин и му бил времено одземен дел од износот на евра кој го носел со себе со образложение дека жалителот не ги пријавил, а биле над дозволениот износ на средства во странска валута која граѓаните може да ја изнесат, односно внесат во државата. Пријавениот го потпишал записникот од претресот и одземањето на средствата изготвен од царинските органи, но доставил изјава во која била содржана неговата верзија за настаните. Исто така, апликантот приложил потврда од менувачница, која, како што се наведува во пресудата, не му била земена предвид, иако потврдата била валидна.

Царинската управа повела прекршочна постапка против македонскиот граѓанин поради обид неовластено и непријавено да носи пари од царинското подрачје на државата. Жалителот доставил одговор до Царинската управа, во кој тврдел дека парите ги пријавил на граница. Како доказ приложил писмена изјава од синот кој го придружувал, потврда од менувачница, договор за купопродажба на возило и потврда за невработеност. Исто така, тој барал да се соочи со службениците што биле присутни на местото на настанот и воедно барал да се признаат како докази видеоснимките од безбедносната камера на граничниот премин. Меѓутоа, Царинската управа не одговорила на неговото барање.

Царинската управа, во прекршочната постапка, утврдила дека жалителот сторил прекршок со тоа што испуштил да ги пријави средствата во странска валута, па затоа Управата му го конфискувала тој износ и дополнително го казнила со уште 1.500 евра.

Жалителот понатаму и формално-правно го оспорил налогот за одземање на паричните средства во царинско-управната постапка. Тој се пожалил, меѓу другото, дека во постапката не била овозможена усна расправа, како и на фактот дека Царинската управа не го почитувала неговото барање да ги признае како докази видеоснимките од безбедносната камера на граничниот премин. Барањата на Костовски не биле признaени.

Незадоволен од одлуката на Царинската управа, тој поднел тужба и пред Управниот суд. Управниот суд одлучил во негова корист, укинувајќи ја притоа одлуката на Царинската управа. Според Судот, во овој предмет не било неопходно да се одземе целата сума пари што му била одземена на жалителот, бидејќи тој доставил валидна потврда од менувачница која требало да се земе предвид.

Постапката продолжила и пред Вишиот управен суд. За разлика од Управниот суд, Вишиот управен суд ја отфрлил жалбатa за неодржувањето усна расправа пред Управниот суд, со образложение дека предметот не ги исполнувал законските критериуми за одржување на расправа, односно дека усна расправа не била потребна да се одржи поради сложеност на случајот или утврдување на фактите.

Понатаму, Вишиот управен суд одлучил дека жалителот требало да ги пријави парите и да ја приложи сметката од менувачницата при преминувањето на границата. Во однос на жалбата за одбивањето да се користат видеоснимките како доказ, судот само оценил дека барањето било неосновано. Вишиот управен суд, се образложува понатаму во пресудата на ЕСЧП, не се осврнал на жалбата на апликантот дека Царинската управа ги игнорирала неговите барања. На 21 септември 2016 година тужбата на жалителот била отфрлена со конечна одлука  од Вишиот управен суд. Со ваквата одлука Вишиот управен суд ја потврдил одлуката на Царинската управа и Костовски правдата ја побарал пред ЕСЧП.

Европскиот суд за човековите права смета дека во овој случај  жалбите на апликантот не биле  неосновани. Дополнително, Судот смета дека немањето усна расправа пред Царинската управа и фактот за паричната казна и налогот за конфискација изречена на жалителот биле дополнителни причини зошто усната расправа била неопходна во овој случај.

Иако е точно, нагласува ЕСЧП, дека околностите на овој случај не биле особено сложени, сепак  имало прашања што не можеле правилно да се утврдат без усна расправа. Судот во Стразбур заклучил дека домашните органи не дале соодветни причини за одбивање на барањата на апликантот да се одржи усна расправа и да ги признаат како докази видео-снимките на граничниот премин.

ЕСЧП истакнува дека во овој случај е повреден член 6, став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права кој се однесува на право на правична судска постапка. Секој, се пропишува во овој член, има право правично и јавно, во разумен рок, пред независен и непристрасен со закон воспоставен суд да бидат разгледани и утврдени неговите граѓански права и обврски или основаноста на какви било кривични обвиненија против него.