/ Прочитано:

2.952

Пресуда на ЕСЧП за случајот Карајанов против РМ

Eвропскиот суд за човекови права донесе пресуда за случајот Петар Карајанов против Република Македонија, која ја објави денеска.

Како што образложува ЕСЧП, жалителот Петар Карајанов во 2013 година, како службено лице од висок ранг, бил прогласен за соработник на тајните безбедносни служби од страна на Комисијата за верификација на фактите. Според посочените документи на Комисијата за верификација на фактите, Карајанов соработувал со тајните безбедносни служби во 1962 и 1963 година.

Жалителот Карајанов, образложува ЕСЧП, до Судот во Стразбур се жалел на повреда на член 6 и член 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права. Карајанов се жалел дека му било прекршено правото на фер сослушување и дека  Комисијата го објавила документот пред да биде донесено конечното решение за неговиот случај, со што му бил нарушен угледот. Комисијата, посочуваат од ЕСЧП, го засновала своето решение на т.н. Закон за лустрација.

Според Европскиот суд за човековите права, како што стои и во неговата пресуда, во овој случај постои повреда на членот 6 од Европската конвенција за заштита на човековите права, кој се однесува на правото на правична судска постапка и членот 8 од истата конвенција, кој се однесува на правото на почитување на приватниот и семејниот живот.

М.В