Пресуда на Граѓанскиот суд – изречени мерки за директорот на ООУ „Лазо Ангеловски“ поради насилство кон вработена во училиштето
Постоење на насилство од страна на директорот на ООУ „Лазо Ангеловски“ во Скопје кон вработена во истото училиште утврди Граѓанскиот суд во Скопје. Пресудата е резултат на тригодишна борба на вработената преку нејзиниот полномошник, адвокатката Марта Гусар. Ваквите случаи со конечна позитивна разрешница треба да се мотив плус за сите жртви кои сè уште не побарале помош, а имаат можност да бидат заштитени, истакнува адвокатката Гусар.
Коалиција Маргини и Хелсиншкиот комитет за човекови права во 2019 објавија извештај (достапен на следниот линк: http://coalition.org.mk/archives/11022) во кој побараа институциите да го истражат проблематичното однесување на директорот на ООУ „Лазо Ангеловски“. Во извештајот беше побарано надлежните институции, особено Министерството за образование и наука и Општина Аеродром да ги испитаат индициите и да постапат според нив, имајќи го предвид најдобриот интерес на детето и водејќи се од начелото дека заштитата и превенцијата од родово заснованото насилство и насилството врз жени и девојки треба да биде императив во образовниот процес.
„Сепак, и покрај сите укажувања, директорот сѐ уште е на својата позиција во училиштето, а вработената во текот на оваа година добила отказ“, нагласуваат организациите.
Вработената во ова училиште, по сите обиди да ги заштити своите права, на ден 25.2.2021 година преку адвокатката Марта Гусар до Основниот граѓански суд Скопје поднесува Предлог за изрекување на времени мерки за заштита од родово базирано насилство – домашно насилство, поддржано и од страна на ЈУМЦСР на Град Скопје, со предлог за изрекување на времени мерки за заштита против директорот.
По спроведување на судска постапка од страна на Судот, констатирано е постоење на насилство од страна на Перо Арсеновски, со што изречени се времени мерки за заштита од семејно – домашно насилство, како спрема вработената така и спрема членовите на нејзиното семејство и двете малолетни деца кои впрочем се ученици во истото училиште.
Зошто е важна оваа пресуда и каква порака испраќа во поширок општествен контекст?
Најпрво, за мене е важна поради борбата која се водеше со цел конечно жртвата, која и не е единствена, да биде заштитена и конечно да престане насилството врз неа кое трае од 2019 година. А од општествен аспект е од огромно значење токму за која е и целта на Законот за спречување и заштита на насилство врз жени и семејно насилство. Од ратификацијата на Истанбулската конвенција, па сè до донесувањето на Законот и негово стапување на сила, можеби (немам статистика) е овој меѓу првите предмети каде што жртвата се заштитува од аспект на родово базирано насилство и позиција на моќ со злоупотреба на службената положба. Токму ваквите случаи и нормално случаите со конечна позитивна разрешница треба да се мотив плус за сите жртви кои сè уште не побарале помош, а имаат можност да бидат заштитени.
Какви мерки се изречени на сторителот на насилството?
Повеќе мерки се изречени, и што е најважно не само насочени кон нејзина заштита, туку и кон заштита на целото нејзино семејство (малолетни деца). 4 мерки се изречени и сите се во насока на забрана за вршење насилство, малтретирање, вознемирување, како врз неа така и врз членовите на нејзиното семејство.
Дали институциите реагираа соодветно во врска со овој случај?
Она што е специфично за конкретниот случај е дека веќе 3 години ниту една институција не презеде никакво дејствие за да утврди што се случува таму. Замислете, имаше и целосен прилог за основното училиште, за директорот, и ниту една надлежна институција не реагираше, туку буквално преку молчење и непреземање на никакво дејствие дополнително му дадоа слобода да врши насилство. Ниту една од нив не беше надлежна (согласно одговорите што ги добивав) за да утврди дали таму се случува насилство. Сега, откако веќе има судска одлука, не знам дали ќе станат надлежни за да постапат по закон.
Која е вашата порака како адвокат, каков треба да биде генералниот одговор за да се спречи родово базираното насилство и каква заштита особено од правен аспект е потребно да постои во тој контекст?
Пораката како и секогаш иста, да пријавуваат, да не се плашат и дека навистина можеби ќе биде борба за да се стигне до заштита, но сепак ќе добијат заштита сите жртви.
Во делот каква заштита е потребна, потребна е токму заштита со системско решение, кое секогаш недостига во нашата држава. Сите институции при првото дознавање за евентуално насилство да постапат по закон, на што упатува и новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство и е регулирано со него. Самиот закон има посебна одредба што упатува на должно внимание на сите институции, службеници и оние што работат во име на државата да се воздржат од какво било дејствие на насилство и притоа да спречат дејствие на насилство, а не да се молчи и да се избегнува преземање на дејствие со цел спречување на насилство.
М.В