/ Прочитано:

1.979

Пресуда на Стразбур во корист на двајца Роми кои пред Судот се жалеа на полициска бруталност

Европскиот суд за човекови права донесе пресуда (Case of X and Y v. North Macedonia) во корист на двајцата жалители Роми кои пред Судот се жалеле на повреда на нивните човекови права и на Конвенцијата во делот на забраната за мачење и полициска бруталност. Според Судот, во овој предмет постои повреда на членот 3 од Европската конвенција, кој пропишува дека: „Никој не смее да биде подложен на мачење, нечовечко или понижувачко постапување или казнување.“ Судот утврдил дека во случајот македонската полиција не спровела ефективна истрага за предметот и жалбите на апликантите дека биле изложени на полициска бруталност.

Од Европскиот центар за правата на Ромите, кој ги застапуваше двајцата жалители пред Судот, нагласуваат дека пресудата е многу значајна и дека конечно правдата е добиена пред Судот во Стразбур. Од Центарот алармираат дека ваквото насилство од страна на полициски службеници врз Ромите се случува постојано и дека доколку правдата не може да се добие пред институциите, жртвите на насилство треба да бараат потпора пред Европскиот суд за човековите права. Инаку, инцидентот за кој беше поведена постапка во Стразбур се случи во 2014 година, и според пресудата на секој од двајцата жалители државата треба да им исплати по 7500 евра.

M.В