/Прочитано:

2.080

ПРЕСУДА НА СТРАЗБУР: Вработен во ресенска пекара бил малтретиран од полициски службеник кој станал градоначалник на Ресен

Европскиот суд за човекови права донесе пресуда со која утврди дека македонски државјанин бил малтретиран и подложен на нехуман и деградирачки третман од страна на полициски службеник, кој, како што се вели во пресудата, подоцна станал градоначалник на Ресен.

evropski-sud-za-chovekovi-prava-strazbur-evropski-sud-za-covekovi-prava-strazbur-e1391420079204.jpg

Во пресудата на Европскиот суд за човекови права,  се образложува дека апликантот Е.А., кој работел во ресенската локална пекарница,  бил „однесен на испрашување“ во полициската станица во Ресен, откако претходно полицијата извршила контрола на пекарницата во врска со дозволите за работа. Во полициската станица тој бил подложен на нехуман и деградирачки третман од страна на полициски службеник, кој, пак, подоцна станал градоначалник на Ресен. Додека бил испрашуван во полициската станица, се вели во пресудата, Е.А. бил навредуван, малтретиран и удиран, притоа здобивајќи се со телесни повреди.

Во пресудата, исто така, се утврдува дека во врска со овој случај имало отсуство на ефективна истрага за наводите за полициска бруталност од страна на тужителот, кој поднел приговор до внатрешна контрола и тужба до обвинителството, барајќи случајот да има институционална разрешница, а службеникот да понесе законска одговорност. Адвокатот на тужителот, Игор Кичеец,  за Академик вели дека неговиот клиент се обидел правдата да ја бара низ државните органи и институции, кои пак, се покажале „неефикасни да се справат со овој и ваков тип на повреди на човекови права“.

Од тие причини, појаснува адвокатот Кичеец, Европскиот суд за човекови права, утврдил дека во конкретниот случај недостасувала „ефективна истрага“, односно, како што вели, немало волја кај институциите на системот да го расветлат случајот во врска со полициската бруталност.

„По внимателно читење на пресудата , можам да изразам задоволство од истата , бидејки судот во Стразбур истата ја засновал на факти, кои иако очигледни,  македонските судови (од прв степен), но и другите надлежни институции и органи (МВР, Јавно обвинителство )„ не можеа” да ги видат. Значи моја прва констатација е дека судот во Стразбур мошне темелно ја проучил состојбата на работите и и речиси перфектно ја инкорпорирал во пресудата. Значајно за нас е што судот ја прифати апликацијата пред да бидат исцрпени сите можности во домашниот правен поредок, иако Владата на РМ приговараше по тој основ. Инаку, како што може да се прочита од пресудата, кривичната постапка која се води пред Основен суд Битола се уште не е завршена. Во моментот на објавување на одлуката на судот во Стразбур, очекуваме првостепена пресуда (петта по ред ) , со оглед дека главниот претрес заврши пред неколку дена“, истакнува адвокатот Кичеец.

Адвокатот нагласува дека многу важно за овој случај е што врз основа на правилна и целосно утврдена фактичка состојба, со пресудата е утврдена повреда на членот 3 од Европската конвенција за човекови права.

„Оттука, втора значајна работа е што врз основа на правилна и целосно утврдена фактичка состојба, со пресудата е утврдена повреда на чл.3 од Европската конвенција за човекови права , односно дека апликантот Е.А. физички и психички злоставуван во ПС Ресен од страна на полициски службеник. Со тоа е повредена една темелна човекова вредност, заштитена со Конвенцијата“, вели адвокатот Кичеец.

Трета поента на пресудата, додава адвокатот Кичеец, е  тоа што таа упатува на  неефикасност на државните органи и институции да се справат со овој и ваков тип па повреди на човекови права, и што се утврдува дека во конкретниот случај недостасувала „ефективна истрага”.

„Тоа значи отсуство на волја на институциите на системот да го расветлат случајот и покрај фактот што апликантот како супсидиерен тужител ја презел  и води супсидиерна постапка, која трае скоро цели седум години.  Крајно, во пресудата судот во Стразбур ги детектира пропустите на сите државни органи и институции што постапувале од самиот почеток: МВР – која и покрај наодот на внатрешната контрола не презела никакви мерки спрема својот службеник (кој во текот на постапката дури и напредувал во кариерата, па сега е актуелен градоначалник на Ресен), истражниот судија во ОС Ресен – кој не спровел темелна истрага на почетокот, ОЈО Ресен  – кое и покрај контрадикторни докази во истрагата се откажа од гонење, Советот на ОС Ресен – кој го прифати приговорот на обвинетиот против супсидиерниот обвинителен акт  и Основниот суд Битола, чии пресуди беа четирипати укинувани од Апелациониот суд Битола“, посочува адвокатот Кичеец.

„Ни останува да се надеваме, дека во натамошниот тек на постапката пред македонските судови, пресудата на Европскиот суд за човекови права бездруго ќе има своја рефлексија. Овде посебно мислиме на начинот и методологијата на  оценката на доказите кога се испитува повреда на правата на поединецот од страна и државни органи и поедици кои се репрезенити и постапуваат во име на системот (правниот поредок) на РМ“, истакнува адвокатот Игор Кичеец.

M.В