Пресуда на Стразбур за повреда на правото на мирно уживање на сопственоста – разговор со адвокатот Оливер Гашев

Европскиот суд за човекови права донесе пресуда за случајот „Анев и Најдовски против Северна Македонија“. Пресудата е во корист на апликантите, а во овој случај Судот во Стразбур наоѓа повреда на членот 1 од Протоколот 1 на Европската конвенција за човековите права, односно на правото на мирно уживање на сопственоста. Во врска со пресудата разговараме со адвокатот Оливер Гашев, кој го застапуваше апликантот Анев пред Европскиот суд за човековите права.

Адвокате Гашев, за каков предмет се работи во овој случај?

Се работи за прекршочен предмет, во кој апликантот Анев беше огласен за виновен затоа што со своето товарно моторно возило превезувал 7 м3 огревно дрво, а притоа, како што пресудиле домашните судови, превозот го вршел со несоодветно впишани податоци во испратницата како документ за превоз на огревните дрва. Иако огревните дрва биле соодветно жигосани, не биле крадени, иако за нив имало издадена фискална сметка, само затоа што во испратницата погрешно бил впишан регистарскиот број на товарното моторно возило со кое биле превезувани, апликантот Анев е огласен за виновен за прекршок во согласност со Законот за шуми, изречена му е глоба во износ од 3.000 евра, а огревните дрва во количина од 7 м3 и товарното моторно возило му се одземени.

За каква повреда на Конвенцијата се работи, односно за какво прекршување на правата и слободите?

Европскиот суд за човекови права ја прифати жалбата на апликантот Анев, имајќи предвид дека се работи за повреда на членот 1 од Протоколот 1 од Конвенцијата, бидејќи одземањето на товарното моторно возило претставува попречување на правото на мирно уживање на сопственоста. Во конкретниот случај, со ограничување на правото на сопственост, отсуствува конкретна легитимна цел бидејќи нема ништо што би сугерирало дека постои основана причина за страв дека товарното моторно возило би се користело за извршување на слични прекршоци. Со изречената глоба и со конфискацијата се нарушува балансот помеѓу барањата на општиот интерес и интересот на засегнатиот поединец. Степенот на вина на апликантот во однос на прекршокот е непропорционален со последицата, односно со конфискацијата на товарното моторно возило како дополнување на глобата. Значи, во конкретниот случај отсуствува каква било оправданост за толку висока санкција – освен глоба, на апликантот му е изречена и конфискација.

Во пресудата од ЕСЧП се наведува дека иако конфискацијата според домашното право била задолжителна, автоматската конфискација на апликантот му ја одзема можноста да го аргументира својот случај и нема какви било изгледи за успех во постапката, без оглед на однесувањето и степенот на одговорност. Судот одлучил да му се врати товарното моторно возило на апликантот во состојба во која се наоѓал за време на конфискацијата, а алтернативно ако враќањето не е возможно, судот на апликантот Анев му доделува 3.000 евра и трошоци на постапката во износ од 769 евра.

Зошто е значајна оваа пресуда на ЕСЧП?

Рокот за извршување на оваа пресуда тече, но најверојатно Владата на Р Северна Македонија нема да биде во можност да му го врати товарното моторно возило на апликантот, па за Анев износот од 3.000 евра е недоволен за неговото конфискувано товарно моторно возило. Но, оваа пресуда на ЕСЧП е значајна затоа што државата треба да поведе сметка за измена на законските одредби со кои, освен глоба, е предвидено автоматски да се одзема сопственоста. Во секој случај, од денес па натаму оваа пресуда е извор на правото, па судовите треба да ја применуваат и да внимаваат при одземањето на сопственоста, така што на обвинетите ќе им овозможат да го аргументираат својот случај на одбрана, па врз основа на аргументи и докази, врз основа на степенот на одговорност и однесувањето на обвинетиот, да одлучат дали е неопходно одземање на сопственоста, а не автоматски да ја применуваат законската одредба за конфискација.

Од аспект на праксата, колку постои интерес кај странките за поведување случаи пред ЕСЧП?

Странките сѐ повеќе имаат интерес за поведување случаи пред Европскиот суд во Стразбур, но мора да сфатат дека Европскиот суд не е трета или четврта судска инстанција по домашните судови, туку за успех на една апликација треба да има аргументи за повреда на некое право кое е предвидено во Конвенцијата.

Во таа насока, која би била вашата порака до граѓаните?

Нема откажување. Правдата е бавна, но достижна. И овој предмет, пред Судот во Стразбур започна во 2015 година, а заврши во 2020 година.

ПРЕСУДА: Велешките адвокати го добија случајот со надриписарите

М.В