/ Прочитано:

2.075

Пресуда на Судот во Стразбур во корист на правата на трансродовите лица во Македонија

Денеска Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур пресуди во корист на анонимизираното трансродово лице Икс, кое ја тужеше Македонија поради повреда на правото на приватност и на неефикасен правен лек во земјата.

Тужителот „Икс“ го променил полот од женски во машки, но не можел административно да ја впише промената поради непостоење на соодветна законска рамка.  Во таа насока, Судот посочува на отсуство на регулативна рамка во домашното законодавство.

Исто така, во конкретниот случај имало повреда на членот 8 од Конвенцијата, според кој секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката и јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право.

Од Коалицијата Маргини, која го поддржуваше случајот на „Икс“ пред Стразбур, велат дека по оваа пресуда Македонија има обврска да донесе закон кој ќе им овозможи на трансродовите луѓе брза, транспарентна и пристапна постапка за правно признавање на родот.

„Судот утврди дека постоечката законска рамка има јазови и сериозни недостатоци кои го довеле транслицето во ситуација на стрес и несигурност во признавањето на неговиот родов идентитет. По оваа одлука, Македонија има обврска да донесе закон кој ќе им овозможи на трансродовите луѓе брза, транспарентна и пристапна постапка за правно признавање на родот. Судот на тужителот му додели 9.000 евра нематеријална штета за претрпен стрес во изминатиот период“, велат од Коалицијата.

Адвокатка Наташа Бошкова, која го води овој случај пред судот во Стразбур, нагласува дека пресудата на ЕСЧП јасно укажува на недостатоците во домашното законодавство, отсуството на јасна процедура, но и неусогласеност на институциите. Адвокатката ја оценува пресудата како охрабрувачка од аспект на човековите права и правата на трансродовите лица, но и од аспект на потребата за измени на прописите.

Инаку, пред две години Управниот суд донесе решение за утврдување на промена на пол во матичната евиденција.  По промената на податоци во матичната евиденција, Управниот суд го задолжи Министерството за внатрешни работи на РМ во рок од три дена да издаде нов матичен број кој е соодветен на извршената промена.

Набрзо потоа и трансродова жена доби случај пред Управниот суд на Република Македонија. Предметот се однесуваше на промена на податоците во матичната евиденција, односно ознаката за пол и матичниот број.

Во 2016 година, исто така, Управниот суд  донесе пресуда во корист на тужител за исправка на податоците во матичната книга на родените за промена на податокот за пол.

УШТЕ ЕДНА СУДСКА ОДЛУКА ВО КОРИСТ НА ТРАНСРОДОВО ЛИЦЕ ВО МАКЕДОНИЈА: Трансродова жена доби случај пред Управниот суд

Донесено решение за утврдување на промена на пол во матичната евиденција: Ова е голем пресврт за правата на трансполовите лица, вели адвокатот Жарко Хаџи Зафиров

Пресуда во корист на тужител за исправка на податоците во матичната книга на родените за промена на податокот за пол

М.В