/ Прочитано:

1.535

ПРЕСУДА ПРОТИВ РАДОВАН КАРАЏИЌ: Детали за прогоните, убиствата, истребувањето, депортацијата и присилни иселувања

Судот во пресудата наведува дека голем број на босански муслимани и босански Хрвати присилно биле раселени од своите домови и биле однесени во други делови од Босна и Херцеговина или во некои други држави. Жртвите биле присилени да ги напуштат своите живеалишта кои биле нападнати од српските сили додека други жртви прво биле апсени и носени во затворите, а потоа и транспортирани на разни локации, со што се направиле драстични промени во етничкиот состав на општините.

Радован Караџиќ

Радован Караџиќ е роден во Петњица, Црна Гора во 1945 година. По занимање е психијатар, писател, поранешен претседател на Претседателството на Република Српска и поранешен лидер на босанските Срби за време на војната од 1992 до 1995 година. Во текот на 1998 година исчезнува од јавниот и од политичкиот живот сѐ до неговото апсење во Белград на 21 јули 2008 година. Во текот на неговото бегство, Караџиќ постојано бегал од органите на прогонот и се криел под псевдонимот Драган Дабиќ, идентитет кој го зел од човек кој починал во Сараево во 1993 година. Под тој псевдоним и со променет физички изглед, Караџиќ почнал да се занимава со психијатрија и со алтернативна медицина па дури се појавувал на јавни трибини и предавања.

На Караџиќ му било судено за единаесет обвиненија, од кои: две за геноцид, пет обвиненија за злосторства против човештвото (прогони, убиства, истребување, депортација и присилни иселувања), и четири обвиненија за кршење на правилата и обичаите во воена состојба.

Воените злосторства биле извршени на територијата на Источна Босна во градовите Бјелина, Братунац, Брчко, Фоча, Рогатица, Соколац, Вишеград, Власеница и Зворник, во Крајина во општините Бања Лука, Босански Нови, Кључ, Приједор и Сански Мост и во општините Хаџичи, Илиџа, Нови Град, Пале и Вогошча во Сараевскиот Регион.

Судот во пресудата наведува дека голем број на босански муслимани и босански Хрвати присилно биле раселени од своите домови и биле однесени во други делови од Босна и Херцеговина или во некои други држави. Жртвите биле присилени да ги напуштат своите живеалишта кои биле нападнати од српските сили додека други жртви прво биле апсени и носени во затворите, а потоа и транспортирани на разни локации, со што се направиле драстични промени во етничкиот состав на општините.

Политичките и државните органи на босанските Срби и српските воени сили во затворите воспоставиле нехуман режим и лоши услови за живот. Постојано имало недостиг  од храна и вода, воопшто немало медицинска грижа или била недоволна, хигиенските, санитетските и условите за спиење биле катастрофални, а често луѓето кои биле депортирани во таквите објекти и затвори биле изложени на тортура, тепање, физичко и психичко малтретирање од страна на српските воени сили. За време на нивниот престој жените од муслиманска вероисповед и босанските Срби биле предмет на силување и други облици на сексуални напади од страна на српските воени сили. Овие дејствија резултирале со сериозни ментални и физички страдања на жртвите.

Покрај масовните убиства на босанските муслимани и на босанските Хрвати, биле одземени или биле ограбувани нивните имоти од страна на властите на босанските Срби, а постоело и масовно уништување на селата каде што живееле жртвите. Исто така биле уништени голем број на џамии, католички цркви и други културни споменици во градовите Братунац, Фоча, Кључ, Нови Град и др.

Судот, исто така, наведува дека формирањето на паралелна власт на босанските Срби, водењето кампања за присилно преземање на општините и протерувањето на населението кое не било од српска националност, биле директно координирани и наметнати од страна на Караџиќ и од раководството на босанските Срби.

Помеѓу октомври 1991 и ноември 1995 година бил направен план за отстранување на босанските муслимани и Хрвати од самопрогласената српска територија. Радован Караџиќ заедно со Војислав Шешељ, Момчило Крајишник, Никола Ковељиќ, Биљана Плавшиќ, Ратко Младиќ, Жељко Ражнатовиќ-Аркан, Мичо Станишиќ и Момчило Мандиќ формирал група која дејствувала за остварување на злосторствата од овој план.

Судот наведува дека Радован Караџиќ ја искористил својата положба и авторитетот за развивање и промоција на идеологијата и политиките на неговата партија и формирањето на паралелна власт, паравојска, полиција и политички структури кои биле искористени за воспоставување на власт и авторитет врз самопрогласената српска територија и остварување на заедничките злосторнички дејствија.

Тој несомнено и неограничено ја поддржувал паравојската во имплементирањето на своите цели кои се однесувале на преземање на територијата и присилно иселување на населението кое не било од српска националност.

Додека се случувало масовното иселување за време на конфликтот, Караџиќ воспоставил свои судови и систем кои функционирале дискриминаторски не обрнувајќи внимание на злосторствата кои биле извршени врз муслиманите и Хрватите од Босна.

Судот, во пресудата врши детално објаснување на извршените кривични дела на територијата на Босна и Херцеговина и Република Српска, осврнувајќи се на злосторствата во Сараево, масакрот во Сребреница, каде што биле убиени повеќе од 8 000 босански муслимани, и за киднапирањето на недолжното население.