/ Прочитано:

1.184

ВИДЕО / ПРЕСУДА Санадер („Хипо банка“, „ИНА – МОЛ“): 10 години затвор за Санадер, виновен е по двете точки од обвинението, повторно е спроведен во затворот „Реметинец“

Вторник 20 ноември 2012 / 10:00 – Судијата Иван Турудиќ го прогласи за виновен поранешниот премиер на Хрватска, Иво Санадер по двете точки од обвинителниот акт за обединетиот предмет „Хипо банка“, „ИНА – МОЛ“. Санадер со првостепената пресуда е осуден на единствена казна затвор од 10 години. На државата мора да и врати  3,6 милиони куни (околу 480.000 евра) во рок од 15 дена. Диоки холдинг“, фирмата која му овозможила да добие една половина од 10 милионското мито, во буџетот на Хрватска треба да уплати 5 милиони евра. Иако пресудата не е правосилна, согласно со хрватскиот ЗКП, бидејќи се работи за казна затвор повисока од 5 години тој веднаш е спроведен во затворот  Реметинец“.

– За случајот „Хипо банка“, со кој Санадер е обвинет за воено профитерство, односно дека примил мито од од 3,6 милиони куни (480.000 евра), провизија од кредитот кој австриската „Хипо банка“ и го одобрила на Хрватска додека бил заменик министер за надворешни работи на Хрватска (1993) за време хрватската војна за независност, Санадер доби казна затвор од 3 години и 6 месеци. – За случајот „ИНА – МОЛ“, со кој Санадер е обвинет дека примил мито од 10 милиони евра од унгарската компанија „МОЛ“, со цел преземање на мнозинските права во нафтената компанија „ИНА“ на сметка на Хрватска, на поранешниот премиeр изречени му се 7 години и 6 месеци затвор.

„Во кривичната постапка која траеше повеќе од една година, беа одржани 50 расправи, а испитани беа повеќе од 50 сведоци. Сослушани беа и судски преведувачи. Беа прочитани нешто повеќе од 6.000 страници документи. Врз основа резултатите од доказната постапка и сослушувањето на сведоците, донесена е пресудата. Истата не е донесена врз основа на ништо друго што се случуваше надвор од судницата“, истакна Иван Турудиќ, судијата кој го водеше овој судски процес против Санадер.

Судија Иван Турудиќ

Иако пресудата не е правосилна, со оглед на тоа што Санадер е осуден на казна затвор повисока од 5 години, согласно со хрватскиот Закон за за кривична постапка, Санадер веднаш е спроведен во затворот Реметинец“.

Судијата Турудиќ го заклучи процесот обраќајки се во судница со следниве зборови:

Секоја пресуда е порака. Оваа пресуда е исто така порака. Ова е порака дека криминалот не е исплатлив и дека извршителот ќе биде казнет. Со оглед на тоа дека кривичните дела ги извршивте како висок функционер, оваа порака првенествено е упатена кон лицата ангажирани во политиката во било кое ниво на власта, од градоначалници до највисоки функционери. Вие функцијата ја искористивте за сопствено богатење, а не за општо добро.“

По судењето, бранителот Чедо Продановиќ изјавил дека одбраната ќе се жали бидејќи сметаат дека имаат основа за истото. На новинарско прашање каква е реакцијата на Санадер по пресудата, Проданиќ одговорил: А како може да реагира човек што е осуден на казна затвор од 10 години?, пренесуваат хрватските медиуми. 

ПРЕСУДА Санадер („Хипо банка“, „ИНА – МОЛ“): Денеска првата пресуда за Санадер, обвинителството бара 15 години

09:00 – По 382 дена судење, Жупанискиот суд во Загреб, односно судскиот совет на чело со судијата Иван Турудиќ, денеска ќе ја донесе првата неправосилна пресуда против поранешниот премиер  на Хрватска, Иво Санадер. Обединетиот предмет „Хипо банка“, „ИНА – МОЛ“ е првиот од низата коруптивни предмети кои се водат против Санадер што ќе добие разрешница. Со случајот „Хипо банка“, екс-премиерот е првиот човек во Хрватска обвинет за воено профитерство.  Со   „ИНА – МОЛ“ пак, Санадер се товари дека примил мито од 10 милиони евра од унгарската компанија „МОЛ“, со цел преземање на мнозинските права во нафтената компанија „ИНА“ на сметка на Хрватска. Според обвинителството овој договор бил штетен за Хрватска.  

Одбрана на Санадер –  „Хипо банка“ (12.11.2012)

Случајот „Хипо банка“, првиот случај  во Хрватска каде некој е обвинет за збогатување за време на војната во Хрватска. Обвинителството го товари за воено профитерство и злоупотреба на службената должност. На екс-премиерот му се припишува дека примил мито од од 3,6 милиони куни (483.000 евра), провизија од кредитот кој австриската „Хипо банка“ и го одобрила на Хрватска додека бил заменик министер за надворешни работи на Хрватска (1993). Својата одбрана за овој случај тој ја темелеше на ретроактивната примена на Законот за незастарување на военото профитерство, кој од донесувањето не бил применет на ниту еден граѓанин на Хрватска.

„Во интерни кругови тој закон го нарекуваат „Лекс Санадер“. На ова ме предупреди мојот адвокатски тим пред речиси една година кога ми кажаа дека според УСКОК единствениот воен профитер е премиер, министер, пратеник…“, огорчено ја даваше одбраната Санадер.

Тврди дека случајот е покренат по иницијатива на неговата наследничка, Јадранка Косор, која според него во Државното обвинителство на Хрватска наредила кривичен прогон против него притоа подметнувајќи сведоци.  

„По 20 година во политиката, горд сум на својот придонес за меѓународна афирмација на Хрватска“,  рече то, потсетувајќи  дека  е и одликуван за воени заслуги.

Одбрана на Санадер – „ИНА – МОЛ“ (13.11.2012)

Во врска случајот  „ИНА – МОЛ“, Санадер се товари дека примил мито од 10 милиони евра од унгарската компанија „МОЛ“, со цел преземање на мнозинските права во нафтената компанија „ИНА“ на сметка на Хрватска.

Во текот на изнесувањето на одбраната тој го обвини крунскиот сведок на обвинителството и неговиот некогашен многу добар пријател, еден од најмоќните хрватски бизнисмени, претприемачот Роберт Јежиќ дека лаже, повикувајќи се и на сведоците, меѓу кои и рускиот тајкун Михаил Гуцериев кои го побија овој исказ. Јежиќ инаку во својот исказ тврди дека управителот на МОЛ префрлил 5 милиони евра на сметка на негова швајцарска фирма, односно половина од митото наменето за  Санадер.

Спред Санадер, УСКОК не си ја вршел професионално работата, а државниот обвинител Младен Бајиќ дека издавал тајни искази во медиумите. 

„УСКОК е некритички. Ги прифатија наводите на Јежиќ здраво за готово, иако немаат докази дека Јежиќ ја зборува вистината. Парите кои беа уплатени на сметката на „Ксенопласт“  се хонорар за Јежиќ наменет за лобирање околу проектот „Дружба Адриа“ . Тоа во судот го потврди и Михаил Гуцериев, сопственикот кипарските фирми „Церома“ и „Хангарн Оил“ кои му го уплатиле хонорарот на Јежиќ.“, наведе Санадер во своја одбрана.

Завршен збор – обвинителство

Максимална казна од 15 години затвор побара обвинителството во своите завршни зборови. Според обвинтелите Тамара Лаптош и Вања Марушиќ, Санадер е крив по сите точки наведени во обвинението.„Санадер не само што не ги штитеше интересите на Хрватска, туку ги продаде за 10 милиони евра“, рече  Марушиќ, застапник на обвинението за случајот „ИНА – МОЛ“.

Според Лаптош, се потврдило дека Санадер ја искористил својата положба и  профитирал од војната.

– „Речиси сите сведоци се согласуваат дека Мате Граниќ, како министер за надворешни работи, бил на една или две средби, и дека главен преговарач  бил Иво Санадер“, рече Лаптош во завршниот збор.  – „Несомнено се докажа дека Санадер ги извршил кривичните дела наведени во двата случаи истакна таа.

Застапничката на обвинението за случајот  „ИНА – МОЛ“, Вања Марушиќ е убедена дека обвинителството ги докажало наводите во обвинението.

„Ако позади овие договори не стои мито, би можеле да зборуваме за неспособност и тоа би била политичка одговорност. Но ја знаеме позадината. Докажавме дека Санадер својата позиција ја искористил исклучиво за свои интереси и како заменик министер и како премиер. Затоа предлагам, Санадер да се прогласи за виновен и да му се изрече максимална затворска казна, заклучи Марушиќ во завршниот збор .

Завршен збор – бранители

Завршниот збор го даде најискусниот во тимот, адвокатот Чедо Продановиќ.

Адвокатскиот тим што го брани Санадер: Чедо Продановиќ, Горан Суиќ, Јадранка Слоковиќ

– „Верувам дека нашиот клиент не извршил ниту едно од кривичните дела кои му се ставаат на товар, ги почна завршните зборови“, Продановиќ.

Осврувајќи се на првата точка од обвинителниот акт, случајот  „Хипо банка“ според Продановиќ, обвинителството направило серија грешки, меѓу кои неиспитувањето на битни сведоци или предолго испитување на други, по што истите го менувале исказот.

„Важно е да се каже дека секој пропуст доведе до тоа постапката да отиде во одреден смер. Се работи за битни податоци кои ја детерминираа постапката. Како што текот на постапката и изведувањето на одредени докази ги демантираа наводите на обвинителството, така тие во одење ги менуваа документите, а притоа останувајќи на истиот став, без грам  професионализам“, рече Продановиќ.

Во врска со случајот  „ИНА – МОЛ“, според Продановиќ, УСКОК  располагал со два односно еден ипол сведок.

„Не се докажа дека Санадер примил мито, па тежиштето го префрлија на докажување на тоа дека договорот бил штетен. Целата постапка се водеше со цел да се докаже штетноста на договорот на еден паушален начин, без стручна верификација, преку размена на искуства и спротивставени мислења, впечатоци од одредени луѓе, од кои некои се професионални, некои не се. Притоа се многу субјективни и исфрустрирани од својата позиција во ИНА“, се изјасни Продановиќ.

Со цел да докаже дека крунскиот сведок на обвинителство Роберт Јежиќ не ја зборува вистината, Продановиќ ги анализираше неговите искази.

– „Во првиот исказ, даден на 25 мај 2011, Јежиќ вели дека наводната провизија за Санадер и понатаму е на сметката на Ксенопласт. Истото го кажа и Хурлиман кој е сослушан истиот ден. Во следниот исказ даден на 8 септември, Јежиќ тврди дека на 28 септември 2009 година, Ксенопласт му дал заем на ДИОКИ во износ од 4,7 милиони евра. Тоа значи дека тие пари не можеле да бидат на сметка на Ксенопласт во 2011. Кога го соочивме да ни каже каде се парите, почна да трепери, велејќи дека со истите манипулира во договор со Санадер. Преку увид во судскиот регистар утврдивме дека 12 дена откако е извршена уплатата, извршена е и докапитализација на Ксенопласт со 1 милион франци и на Диоки Холдинг со 2,5 милиони франци. Нормално дека на овие пари не може да им се најде трагата кога не им е означено потеклото. Но со  обзир на тоа што тоа се единствените докапитализации кои се извршени, дека дотогаш целиот капитал на Ксенопласт бил 100.000 франци, прашање е дали  му бил даден кредит како што тврди. Прашање е како располагал со тие пари, па не можеме да знаеме дали се тоа парите кои ги чувал за Санадер, сега веќе 3 години. Па јас се прашувам, кој тоа зема мито, па чека 3 години да му се вратат парите.“

Продановиќ, завршниот збор го заклучи барајќи ослободителна пресуда за Санадер, бидејќи како што вели обвинителството на ја докажало вината.

Завршен збор – Иво Санадер

– „Јас во своја одбрана кажав  дека Јежиќ со своето сведочење си го  купи  излегувањето од притвор. Стојам позади тоа“, истакна во завршниот збор Санадер.

Се повика на тврдењата со кои тој и неговата одбрана обвинуваат дека обвинителството и УСКОК пуштале тајни документи во одредени медиуми.

„Како можеме да им веруваме дека не пуштат тајни документи кога Државното обвинителство не поднесе ниту една кривична пријава против било кој сторител“.

Санадер во завршниот збор се повика и на исказ на новинар кој во суд кажал дека добивал тајни документи од УСКОК. Откри дека од од аналитичар од Министерството за внатрешни работи добил список со имиња на новинари кои добивале тајни информации. Обвини дека била узурпирана работата на неговиот адвокатски тим. Наводно адвокатите биле следени од два автомобили чија регистрации ги нема во ниедна евиденција. Најви дека  наскоро ќе се утврди на кого му припаѓаат истите и дали ќе се потврди неговиот заклучок дека обвинителството работи надвор од сите закони.

„Не ги сторив кривичните дела и не сум криминалец, туку човек кој на изборите доби легитимитет од граѓаните и кој совесно ја водеше владата, да не беше така, немаше да ми биде доделен уште еден мандат“, заклучи Санадер.

>> Обединетиот предмет за случаите „Хипо банка“  и „ИНА – МОЛ“ проследете го тука.