ПРЕСУДА „ФАЛАНГА 2“: Сите обвинети се прогласени за виновни, Паско Кузман доби три години затвор
Четврток, 24 јули 2014 – Основниот суд Скопје 1 денеска донесе пресуда со која ги прогласи за виновни сите шеснаесетмина обвинети во „Фаланга 2“. Одбраната најави жалба до повисокиот суд.
Највисока казна од седум и пол години затвор доби поранешниот раководител на Одделението за превенција при Управата за заштита на културното наследство Илчо Бојчевски за делата: „злосторничко здржување“, „злоупотреба на службената положба“, „тешка кражба“ и „прикривање“. Останатите обвинети кои се товарат дека биле дел од злосторничката група која се занимавала со трговија на артефакти добија меѓу три и пол и шест и пол години затвор. Ексдиректорот на Управата за заштита на културно наследство, Паско Кузман, кој е меѓу последните обвинети, доби три години затвор за злоупотреба на службената положба. За четворица обвинети беа изречени условни казни.
По 15 месеци поминати во притвор, Судот донесе одлука на првите четворица обвинети истиот да им го замени со домашен притвор , додека другите ќе се бранат од слобода до правосилноста на пресудата.
Судењето стартуваше пред една година, на 9 август 2013 година. „Најгласен“ во текот на судскиот процес беше поранешниот раководител на Одделението за превенција при Управата за заштита на културно наследство, Илче Бојчевски, кој негира дека тргувал со археолошки предмети. Бојчевски во своја одбраната тврдеше дека е жртва на лажен сведок и мета на одмазда на финансиски моќници токму поради тоа што успешно се справувал со нелегалната трговија со артефакти.
Меѓу обвинетите имаше и такви кои се извинија под образложение дека не знале дека сторуваат кривични дела, но побројни беа оние кои наведоа дека клучниот сведок на Обвинителството Иле Николов изнесува лаги за нив во замена за својата слобода и благосостојба, а обвинителниот акт е заснован на претпоставки.
Паско Кузман, пак, кој е меѓу последните обвинети, според Обвинителството ја злоупотребил својата положба со тоа што како директор на Управата за заштита на културното наследство издал Согласност на физички лица за изведување на земјени работи на две локации со цел проверка на наводи за постоење на културно – историско наследство. Во обвинителниот акт се тврди дека овој документ не е предвиден со законските и подзаконските акти на Управата. Кузман и неговиот бранител Александар Новакоски, кој најави жалба до Апелација, пак, тврдат дека тој постапил согласно законските претпоставки и дека оттука дека не се точни наводите и толкувањата на законите од страна на Обвинителството.
Новакоски во својот завршен збор изрази сомнеж во мотивите на органите на прогонот, Кузман, како што рече, по секоја цена да биде дел од овој процес.
Фаланга 2“ е продолжение на акцијата „Фаланга“ која беше спроведена во 2011 година. Врховниот суд во овој случај ја потврди пресудата со која 22 обвинети беа прогласени за виновни за злосторничко здружување, тешка кражба и за нелегална трговија со артефакти. Дел од обвинетите во „Фаланга 2“ беа сведоци во првото судење за нелегална трговија со артефакти.
>> Детално за предметот информирајте се тука.
Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk