/ Прочитано:

3.307

Пресудата на ЕСЧП е победа на правдата и таа никогаш нема да се заборави, велат новинарите и адвокатите кои ја добија битката во Стразбур

Пресудата на Европскиот суд за човековите права во корист на новинарите отстранети од Собранието не е само победа на новинарската заедница, туку е и победа на демократските вредности, беше нагласено на денешната прес-конференција во Здружението на новинарите.

Претседателот на Здружението на новинари, Насер Селмани, на денешната прес-конференција истакна дека пресудата има огромно значење за владеењето на правото и почитувањето на слободата на изразување, кои се темелот на едно демократско општество.

„Пресудата е победа на новинарската заедница и таа е повик за единство. Правдата можеби е бавна, но секогаш победува. Пресудата придонесува да се создаде правна култура во Македонија и да се афирмира принципот на почитување на основните човекови права и слободи. Исто така, оваа пресуда претставува доказ дека институциите во Република Македонија потфрлија во исполнувањето на својата основна задача – да ги штитат и да ги промовираат човековите права. Оваа пресуда не е нешто за кое ќе се говори три дена. Ова е пресуда за која ќе се говори и во следните 50 години. По оваа пресуда веќе никој во Македонија не може да тврди дека нарушувањето на слободата на информирање и кршењето на правата на новинарите се само перцепција, туку дека во земјава се прекршени овие права. Оваа пресуда никогаш нема да се заборави“, истакна претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.

Во врска со пресудата, Селмани подвлече дека ЗНМ ќе иницира средби со институциите, со судовите, со законодавната и со извршната власт, на кои ќе бара постапување во врска со одлуката на Европскиот суд. Во таа насока, Селмани потсети дека Уставниот суд имал, како што нагласи, историска шанса да потврди дека со насилното отстранување на новинарите од Собранието се прекршиле основните права и слободи. Претседателот на ЗНМ, во тој контекст, подвлече дека пресудата го повлекува и прашањето на одговорност.

Адвокатот Филип Медарски, кој го застапуваше и кој го водеше предметот за новинарите отстранети од Собранието, како низ македонските институции така и пред ЕСЧП,  истакна дека пресудата е од исклучително значење за македонското општество и за правата на граѓаните.

„Пресудата на Европскиот суд констатира повреда на две права гарантирани со Европската конвенција за човековите права, и тоа: правото на слобода на изразување од членот 10 и правото на фер судење од членот 6 од Конвенцијата. Оваа пресуда е прва пресуда со која се утврдува повреда на слободата на изразување и е многу важна за демократијата и за владеењето на правото во Република Македонија“, истакна Медарски.

Според адвокатот Медарски случајот во Македонија не добил разрешница пред македонските институции и пред Уставниот суд во корист на новинарите затоа што, како што нагласи, за разрешување на ваков случај најважен е интегритетот на еден судија.

Како што вчера објави Академик, Европскиот суд за човековите права донесе пресуда во корист на новинарите кои беа физички отстранети од собраниското обезбедување на седницата за носењето на Буџетот во 2012 година. „Во овој предмет постои повреда на членот 10 и членот 6 од Европската конвенција за човековите права“, пресуди Судот во Стразбур.

Како што образложува Судот во Стразбур, новинарите Насер Селмани, Наташа Стојановска, Фросина Факова, Снежана Лупевска, Билјана Богдановска и Тони Ангеловски се жалеле пред ЕСЧП за нивното насилно отстранување од собраниската галерија, од која како акредитирани новинари ја следеле дебатата за носењето на Буџетот, на 24 декември 2012 година.

Со ваквиот чин, навеле новинарите во жалбата до ЕСЧП, повредени се членот 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права, кој се однесува на слободата на изразување, и членот 6,  кој се однесува на правото на фер судење и сослушување, во конкретниот случај правото на сослушување пред Уставниот суд, кој не донесе одлука во корист на новинарите.

Со одлуката на мнозинството судии на Уставниот суд не се согласи судијката Наташа Габер-Дамјановска, која во своето издвоено мислење посочи дека: „Апсурдно е тврдењето дека тоа е сторено за ‘безбедност на новинарите’, кога очевиден факт е дека тие седеле на своите места и биле крајно пасивни, со никакво дејствие не учествувале во настаните, туку само набљудувале, за што имаат и легитимно право бидејќи тоа е дел од нивната професионална известувачка активност.“

„Правната битка тука не завршува, а новинарите ќе поднесат претставка и до Судот за човекови права во Стразбур“, најави претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, веднаш по одлуката на Уставниот суд.

СТРАЗБУР ПРЕСУДИ ВО КОРИСТ НА НОВИНАРИТЕ ОТСТРАНЕТИ ОД СОБРАНИЕТО ПРИ ДЕБАТАТА ЗА БУЏЕТОТ

M.В