/Прочитано:

2.098

ПРЕСУДИТЕ НА СТРАЗБУР КАКО ОГЛЕДАЛО ЈА РЕФЛЕКТИРААТ СОСТОЈБАТА ВО СУДСТВОТО: Потребно е да се зајакнат капацитетите на судството за заштита на човековите права

Денеска свечено се одбележа отворањето на проектот „Зајакнување на капацитетите на судството за заштита на човековите права и борба против нечовечно и понижувачко постапување и против неказнивоста“ во рамките на програмата „Хоризонтал фасилити“, финансиран од Европската Унија, а имплементиран од Советот на Европа.

Корисници на проектот посветен на зајакнувањето на капацитетите на судството за заштита на човековите права и борба против нечовечно и понижувачко постапување и против неказнивоста се Уставниот суд на Република Македонија, Врховниот суд на Република Македонија, Министерството за правда на Република Македонија, Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ и Народниот правобранител на Република Македонија.

На денешниот настан се говореше за активностите предвидени во рамките на проектот, за улогата на судството во примената на стандардите на Европскиот суд за човекови права, за правата на слобода и безбедност и на фер судење, како и за значењето на судската обука за човековите права во зајакнувањето на улогата на судството во примената на стандардите на Европскиот суд за човекови права.

Како што се определува во Европската конвенција за заштита на човековите права, целта на Советот на Европа е да постигне поголемо единство меѓу своите членки, а едно од средствата за постигнување на таа цел е заштитата и развојот на човековите права и основните слободи.

Основните човекови слободи ги чинат темелите на правдата и мирот во светот и вистинската политичка демократија се заснова токму врз овие права. ЕСЧП е надлежен да постапува по индивидуални или меѓудржавни жалби, во кои има наводи за повреда на граѓанските и политичките права предвидени со Европската конвенција за човекови права, која Република Македонија ја ратификуваше на 10 април 1997 година.

Заштитата на човековите права од аспект на уставното судство, исто така, беше една од темите кои се елаборираа на денешниот настан на кој се нагласи дека една од целите на проектот е и зајакнување на капацитетите на Уставниот суд во однос на поефективно применување на европските стандарди за човекови права, особено во случаи на поднесување на индивидуална жалба.

Според Уставот на Република Македонија, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Како што посочуваат од Уставниот суд, за разлика од апстрактната нормативна контрола, предмет на оцена во рамките на оваа надлежност се поединечните акти и дејствија на органите на јавната власт за кои граѓанинот смета дека му повредуваат некое од наведените уставни права.

Покрај непосредноста на барањето (уставна жалба) за заштита на правата повредени со поединечен акт или дејствие, втора карактеристика на оваа надлежност е тоа што предмет на оспорување може да биде не само управен акт, туку и судска одлука во која било инстанција.

Даниел Шмит, шеф на Одделот за Југоисточна Европа и Турција при Советот на Европа, на отворањето на проектот истакна дека работата со Уставниот суд е многу важна бидејќи човековите права најдобро се заштитуваат на национално ниво.

За поефективно применување на европските стандарди, покрај соработката со Уставниот суд, Шмит додаде дека ќе биде засилена и соработката со судиите и обвинителите. Во таа насока, директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Анета Арнаудовска, нагласи дека оваа институција во изминатите 10 години работела посветено за примена на стандардите на Европската конвенција за човековите права.

„Во таа насока беа спроведени обуки, се преведуваа одлуки од ЕСЧП, а беа организирани и посети на судии, јавни обвинители и новинари во Судот во Стразбур. Се стремиме нашите целни групи да ги користат стандардите на ЕСЧП во правната аргументација на домашните одлуки, при што од особено значење е менување на менталитетот на нашите судии и обвинители кои потекнуваат од еден континентален правен систем. Сега со интернационализација на домашното право, судиите во своите одлуки ќе треба да ги користат и другите аргументи, како што се генералните правни принципи за социјалниот поредок, владеење на правото, правна функционалност“, рече Арнаудовска.

Говорејќи за улогата на судството во примената на стандардите на Европскиот суд за човекови права за правата на слобода и безбедност и на фер судење, Мирјана Лазарова-Трајковска, поранешен судија и претседател на секција во ЕСЧП, Костадин Богданов, директор на Бирото за застапување на РМ пред ЕСЧП, и адвокатот Атанас Георгиевски, виш раководител на проектот, подвлекоа дека пресудите на ЕСЧП треба да имаат значење за македонските судии.

Пресудите на Судот во Стразбур, вели Трајковска, како огледало ја рефлектираат состојбата не само во судството, туку и во другите сфери на правосудниот систем. Адвокатот Атанас Георгиевски подвлекува дека за зајакнување на капацитетите на судството за заштита на човековите права и борба против нечовечно и понижувачко постапување и против неказнивоста неопходни се соработката и едукацијата.

Костадин Богданов пак вели дека е генерален впечатокот дека македонските судии сè повеќе прибегнуваат кон реферирање на праксата на ЕСЧП во своите пресуди. Ова, вели Богданов, е резултат и на мноштвото обуки и советувања кои беа организирани од страна на различни субјекти, вклучително во голем дел и од Академијата за судии и јавни обвинители, а во кои свое учество зедоа и претставници на Бирото за застапување со пренесување на сопствените сознанија и искуства во однос на стандардите и на праксата која се однесува на слободата на изразување регулирана со членот 10 од Конвенцијата.

Свои излагања на денешниот настан имаа и Елена Јовановска-Брезоска, координатор на проектот, која појасни дека е предвидено проектот да трае 18 месеци, до мај 2018 година. Проектот е финансиран е од Европската Унија, а ќе биде имплементиран од Советот на Европа.

М.В