/Прочитано:

1.298

Претрес на патниците и преглед во личниот багаж на границите во САД

Според Законот за гранична контрола на САД, агентите имаат право да вршат претрес на границите и граничните премини, за разлика од полицијата што го нема тоа право без посебен налог, пишува реномираниот весник „Њујорк тајмс”. Законот му дозволува на агентот да врши претрес во багажот на патниците и во дигиталните уреди што тие ги носат со себе, без судско одобрение, со цел заштита од мигранти и по прашања од безбедносно значење. Активистите за граѓански права велат дека прегледувањето на дигиталните уреди (мобилните телефони, камери и сл.) е многу нападно и понижувачки, за разлика од прегледот на багажот.

Хаисам Елшаркави, 34-годишен американски државјанин во интервју за реномираниот весник „Њујорк тајмс”, раскажал за настанот што му се случил на аеродромот во Лос Анџелес при вршење на царинска контрола пред летот за Саудиска Арабија. Службеници од Федералната агенција за царинска и гранична заштита на САД го запреле на аеродромот без никакво објаснување, бил испрашуван, му биле ставени лисици на рацете, потоа повторно 3 часа бил испрашуван и на крајот бил ослободен без никакво обвинение и без образложение за неговото апсење.

Агентите присилно му го одзеле и неговиот мобилен телефон, му пребарувале низ контактите што ги има, сликите, апликациите и неговите лични профили на социјалните мрежи.

Тој во интервјуто вели дека првпат му се случува некој да пребарува во неговите лични работи, сликите од семејството и другите негови лични податоци, иако постојано патува и работи како продавач на електроника со место на живеење во градот Анахајм, Калифорнија.

Сличен пример раскажува и Сид Биканавар, научник вработен во НАСА, кога на аеродромот во Хјустон се подготвувал за лет во Јужна Америка, а службеници од Федералната агенција за царинска и гранична заштита му ги побарале мобилниот телефон и неговиот ПИН код, при што бил испрашуван со образложение дека постоела можност во телефонот да постои чувствителен материјал за безбедноста.

Оваа тема предизвикала интерес во јавноста во САД, бидејќи се работи за личните права на граѓаните и нивното право на слободно движење, а граѓаните не се доволно упатени во регулативата за овој тип прашања.

Според Законот за гранична контрола на САД, агентите имаат право да вршат претрес на границите и граничните премини, за разлика од полицијата што го нема тоа право без посебен налог. Законот му дозволува на агентот да врши претрес во багажот на патниците и во дигиталните уреди што тие ги носат со себе, без судско одобрение, со цел заштита од мигранти и по прашања од безбедносно значење.

Активистите за граѓански права велат дека прегледувањето на дигиталните уреди (мобилните телефони, камери и сл.) е многу нападно и понижувачки, за разлика од прегледот на багажот. Тие истакнуваат дека тие уреди, особено мобилните телeфони, не содржат само лични податоци како слики, видеа и СМС пораки, туку преку нив може да биде загрозен и некој друг човек со кој комуницирал сопственикот на телефонот. Според претставникот на Американската унија за граѓански слободи, Натан Фрид Веслер, пред да извршат детална проверка на мобилните телeфони, агентите треба да имаат добро образложение, особено кога се работи за личните права на граѓаните.

Портпаролот на Федeралната агенција за царинска и гранична заштита за „Њујорк тајмс“ изјавил дека тие нема да коментираат поединечни случаи и дополнил дека според статистиката за 2015 година, агентите прегледале 4444 мобилни телефони и 320 други дигитални уреди, што претставува незначителен процент од 0.0012 % од вкупниот број патници кој изнесувал 383 милиони, а во 2016 година бројот на пребарувани уреди се искачил на 23 000.

С. М.