/ Прочитано:

2.613

Претседателот Ѓорге Иванов: Нема да определам мандат за состав на Влада на секој оној кој преговара за платформи на други држави

„Сè додека сум претседател на Република Македонија, нема да дадам мандат ниту на човек ниту на партија што се залага или во својата програма има платформа за рушење на суверенитетот, територијалниот интегритет и самостојност на Република Македонија“, истакна претседателот Иванов во своето обраќање до јавноста.

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој попладнево се обрати до граѓаните, истакна дека нема да му го даде мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, нагласувајќи притоа дека од Заев побарал да ја отфрли албанската платформа.

„Ниту Уставот, ниту совеста не ми дозволуваат да дадам мандат на секој оној што ги руши суверенитетот и независноста на Република Македонија. Во согласност со член 84 од Уставот на Република Македонија нема да определам мандат за состав на Влада на Република Македонија на секој оној што преговара за платформи на други држави со кои се уценува македонскиот народ, се загрозува унитарноста на државата, нејзнинот суверенитет и независноста“, истакна Иванов во своето обраќање.

Политичка платформа од туѓа држава, како што потенцираше тој, а со која се загрозуваат сувереноста и независноста на државата, доведувајќи ја во положба на потчинетост или зависност спрема друга држава, е суштински проблем и како што рече, преговарањето и прифаќањето на туѓа платформа е казниво дело според Кривичниот законик.

„Со оваа платформа, Република Македонија е уценета, а нејзината унитарност, суверенитет и независност се загрозени. Платформата е постизборен документ изработен и потпишан во туѓа држава во кабинет на странски државник и со посредство на премиер на туѓа држава. Содржината на платформата е надвор и од Уставот и од Охридскиот рамковен договор. Наместо конечно да излеземе од политичката криза, поради оваа платформа ние за жал заглавуваме во уште подлабока криза во која се доведоа во прашање темелните државни интереси на Република Македонија и нејзините граѓани“, рече тој.

Претседателот Иванов во своето обраќање нагласи и дека преговарањето за платформа на туѓа држава значи негирање на суверенитетот и самостојноста на земјата како што е наведено во член 1 од Уставот на Република Македонија.

„Никој од граѓаните на ниту еден демократски избран претставник не му дал право, преговарајќи за постизборна платформа на туѓа држава да го загрозува суверенитетот на Република Македонија. Македонските граѓани на изборите гласаа за партиски програми, а не за постизборна платформа на туѓа држава“, потенцираше претседателот Иванов.

Во оваа насока тој нагласи дека и за овој проблем постои решение.

„На денешната средба со лидерот на СДСМ, Зоран Заев, побарав јавно и јасно да ја отфрли и осуди оваа платформа, бидејќи македонските граѓани на изборите гласаа за реформите и за исполнување на обврските од договорот од Пржино, а не за постизборна платформа на туѓа држава“, рече Иванов.

На крајот во своето обраќање до граѓаните, претседателот Иванов нагласи:

„Сакам да ве уверам, вас граѓаните, дека можете да бидете спокојни. Сè додека сум претседател на Република Македонија, нема да дадам мандат ниту на човек ниту на партија што се залага или во својата програма има платформа за рушење на суверенитетот, територијалниот интегритет и самостојност на Република Македонија, бидејќи длабоко верувам дека ова се темелни вредности со кои никој нема право да тргува. И не мислам да отстапам од нив“, потенцираше претседателот Иванов.

А. Б.