/ Прочитано:

3.570

Претседателот на КИРМ, Гордан Станковиќ: Извршителската професија е круна на правосудниот систем

Повеќе предмети за извршување, но послаба реализација — вака изгледала ланската година за извршителите. Сепак, 97 извршители, колку што има на територијата на РМ, во време на рецесија и на „плиток џеб“ наплатиле повеќе од 104 милиони евра; најмногу должници имало меѓу граѓаните, а најмногу доверители меѓу правните лица. Државата се јавува како должник 4447 пати, а го зазема второто место во улога на доверител. „Зголемениот број на предмети кај извршителите за ланската година во дел се должи на преносот на судските извршни предмети, а падот на реализацијата во однос на предходната 2011 година сметаме дека е резултат на падот на платежната моќ на граѓаните, меѓутоа удел има и недоволната екипираност со стручни човечки ресурски во извршителските кацеларии, како резултат на слабиот интерес на правниците за извршувањето“, вели претседателот на Комората на извршители (КИРМ) Гордан Станковиќ. Наспроти лошата слика за извршителите како „џелати на модерното време“, што некогаш резултирала со тупаници, но и со поставени бомби, претседателот Станковиќ посочува дека оваа стресна професија е круната на правосудниот систем и треба да биде третирана како доблесна.

Неретко се слушаат критики во врска со Тарифникот на извршителите: се вели дека трошоците за извршување се превисоки. Какво е Вашето оправдување спроти ваквите коментари?

Точно е дека се појавија критики во одредени пишани медиуми за висината на трошоците за извршување, меѓутоа сметам дека тие не се резултат на темелна анализа, од причина што ставките за извршните трошоци на извршителите, согласно со Тарифата за награда и за надоместок на други трошоци за работа на извршителите е на исто рамниште со ставките од адвокатската тарифа, нотарската  тарифа или, пак, тарифата на стечајните управници. Сепак, бидејќи извршувањето е еден вид финален процес, во актите на извршителите, освен долгот кој се должи, се опфаќаат и каматите, трошоците на постапката која претходела (парничните, односно нотарските или управните трошоци на постапката), и трошоците на адвокатите од постапката пред судот, односно кај нотарот, како и трошоците на адвокатите настанати во извршувањето, и материјалните трошоци. Па, навидум, доколку се погледне вкупната сума во еден акт на извршителот, се согласувам дека таа може да изгледа висока во однос на главниот долг. Како пример би навел дека доколку должникот се иселил и не живее на адресата на лична карта, а не го пријавил новото живеалиште, или од други причини извршителот не може да изврши достава до должникот, според законот, неопходно е да се спроведе достава преку јавна објава, која значи да се објави во дневен весник, и тоа во шест последователни броја, и во Службен весник на РМ. Имајќи предвид дека станува збор за материјален трошок од околку 4000 денари по објава, можете да претпоставите колку многу ова ќе го оптерети вкупното побарување, а притоа овие пари само ќе транзитираат низ сметката на извршителот, односно тој ќе ги наплати од должникот и ќе ги пренесе на соодветниот дневен весник односно Службен весник.

Колку често се соочувате со приговори и со жалби во однос на трошоците на извршителите?

Комората на извршители, односно претседателот на Комората е надлежен да даде мислење во однос на плаќањето, односно дали во конкретен предмет била правилно применета Тарифата, и граѓаните многу често го користат ова право, и претседателот секогаш кога има повреди на примена на Тарифата дава негативно мислење,  иако во мнозински дел од случаите извршителите ги имаат пресметувано правилно трошоците на извршување. На пример според податоците на КИРМ за 2012 година, вкупно биле поднесени 250 приговори од странки, од кои 75 се донесувале на Тарифата и претседателот донел 72 мислења дека е правилно применета Тарифата, а во 3 предмети е донесено мислење со кое се утврдува дека извршителот  несовесно и неточно пресметал и наплатил за извршните дејствија во предмет спротивно на Тарифата за награда и други трошоци за работа на извршителите.

Добивате ли поплаки од граѓаните за работата на извршителите; каква е статистиката за ланската година?

Морам да напоменам дека извршителите се високо контролирана служба и освен по приговори од странките доставени до  Комората, исто така и Министерството за правда врши редовни и вонредни контроли во канцелариите на извршители како и претседателот на судот редовно одлучува по приговори за неправилности при извршувањето, па како резулат ова сметам дека дисциплината во постапувањето на извршителите е на високо ниво. Сепак, како и во секоја друга професија, се случува да се направат повреди кои од страна на Дисциплинската комисија при Комората соодветно се санкционираат. Како илустрација за ова, можам да истакнам дека Дисциплинската комисија при Комората на извршители на РМ во текот на 2012 година по повод 13 предлози за дисциплинска постапка има  изречено една дисциплинска мерка – устен укор на извршител и 4 дисциплински мерки – парична казна на извршител и една суспензија. Додека пак во во текот на првите три месеци од 2013 година се поднесени 7 предлози за поведување на дисциплински постапки против извршителите по повод кои Дисциплинската комисија има изречено четири дисциплински мерки против извршителите- парични казни и една суспензија.

Се остваруваат ли правата на доверителите во разумен рок?

Поради самата поставеност на системот на извршување кој налага итност и редослед на постапувањето, правата на доверителите во извршувањето се остваруваат во разумен рок, а за оние исклучоци кога тоа не е така, одговорно тврдам дека во фазата на извршување ова може да случи исклучиво од оправдани причини и тоа не по вина извршителот.

Зголемениот број предмети за извршување во 2012 година не дава добра слика за Македонија; од друга страна паѓа и реализацијата: од добиени 164.055 барања, реализирани се само 33.384 предмети. На што се должи ова?

Зголемениот број на предмети кај извршителите во 2012 година во дел се должи и на преносот на судските извршни предмети од судовите кај извршителите, а од друга страна има пад на реализацијата во однос на предходната 2011 година и каде процентот беше 42,65% , што сметаме дека е резултат на падот на платежната моќ на граѓаните под удар на рецесијата, меѓутоа удел има недоволната екипираност и тоа најмногу со стручни човечки ресурски во извршителските кацеларии како резултат на слабиот интерес кај правниците за извршувањето.

Колкава е вкупната наплата на извршителите во изминатата 2012 година?

Извршителите во 2012 година во име и за сметка на граѓаните, фирмите и РМ наплатија од граѓаните, фирмите и РМ,  вкупно 6.415.209.641,00 денари односно 104.312.352, 00 евра.

Која компанија или јавно претпријатие праќа најмногу барања за извршување? Имаше период кога ЕВН го држеше првото место…

Комората нема точна статистика по ова прашање, меѓутоа е точно дека најчесто станува збор за долгови спрема комуналните претпријатија (струја, вода) и телекомуникациските компании.  Инаку, по структура на доверители во текот на 2012 биле поднесени вкупно 15.037 барања за извршување од физички лица, 128.620 барања од правни лица и 20.388 барања од државни органи. Додека пак по структура на должници – 134.738 должници биле физички лица, 28.293 биле правни лица и во 4447 предмети должник била РМ.

Ги споменавте судските извршни предмети кои преминаа во рацете на извршителите. До неодамна, во јавноста се калкулираше со една огромна бројка вакви предмети, најголем дел уште од 90-тите години. Како напредува справувањето со овие предмети, што се случи со истите?

Имаше такви најави и се оперираше со бројка од 300 илјади до 600 илјади предмети, меѓутоа од јуни 2011 година  од кога стапи во сила ова законска одредба, до денес од страна на судовите до извршителите се пренесени на надлежно постапување кај извршителите 60.000 предмети.

Зар е можно и, воопшто, дозволиво судовите да ги чувале овие предмети во фиоките и по повеќе од една деценија? Се работи за камати кои граѓаните се должни да ги платат поради судската неажурност — може ли да ја искоментираме оваа ситуација?

Судската власт е независна и не би сакал да навлегувам во коментирање на работата на судот, можам само да кажам дека е точен фактот за долгото времетраење на извршните постапки и тоа е една од главните причини зошто секаде во светот е тенденција да се практикува извршување преку приватни извршители.

Што се случува со оние предмети  кои не може да се извршат, од причина што сметките на должникот се празни?

Секако дека постојат ситуации во кои должникот нема средства на сметката или пак има средства, но тие не можат да се опфатат со извршувањето, како што се примања на име социјална помош, примања на име додаток на деца или надомест поради телесно оштетување и други, па во овие извршувањето мирува и имајќи предвид дека по поднесено барање за иавршување до извршител веќе не течат рокови на застареност и сите овие предмети ќе се реализираат тогаш кога должникот ќе има приливи на сметка.

Стресна ли е извршителската професија? Вие, сепак, сте во директен контакт со примената на одредена одлука. Како емоциите  да се стават настрана во голем дел од случаите?

Извршителската професија е вонредно стресна професија, бидејќи редовно се соочуваме со директни закани, а неколку колеги и беа физички нападнати и сме имале случаи на поставени бомби, а од друга страна секојдневно се соочуваме со разни потресни човечки судбини на терен, меѓутоа сите извршители успеваат професионално да си ја вршат работата, и тука би сакал да напоменам дека од страна USAID беа организирани специјализирани обуки за извршителите за справување со стресот на работното место и кои дадоа значителен резултат.

Има ли Македонија доволно извршители? Самиот споменавте дека е слаб интересот меѓу правниците за извршувањето?

Во моментот сметаме дека бројот на извршители е преголем, и иако тој се определува по бројот на  одлуки на подрачјата на судовите врз основа на кој Министерот за правда носи Правилник, сепак во моментот многу извршители немаат доволно работа и од причина што по донесувањето на новиот правилник дел од предметите за кои беа претходно надлежни извршителите преминаа во надлежност на УЈП, и поради малиот обем на работа таквите канцеларии не се во прилика да постапуваат по сите видови предмети и истото може да резултира со намалување на нивниот капацитет од стручен аспект а исто така и премалиот обем на работа го доведува во прашање и економскиот опстанок на овие канцеларии. На пример за подрачјето на Основен суд  Битола и Ресен се предвидени 11 извршителски места  што сметам дека е премногу за подрачје како битолското.  Од друга страна пак  бројот на вработени правници во извршителските канцеларии е недоволен а уште послаб е бројот на правници со положен извршителски испит , што секако се должи на слабиот имиџ на извршителите во јавноста па Комората во моментот зема активно учество во акцијата на Министерството за правда која е се цел да се афирмира дејноста извршител.

Како претседател на КИРМ, кои се Вашите приоритети во текот на мандатот?

Моите приоритети како претседател се Комората да преземе активности за лоцирање на причините и помагање за надминување на проблемот со исклучително малиот процент на реализација на извршителите остварен во претходната година, како и да допринесам да се подобри сликата во јавноста за извршителската фела која сметам дека заслужува да биде третирана како доблесна професија бидејќи извршувањето е круната на правосудниот систем, а кое нешто се надевам ќе се случи преку поголема транспарентност на Комората и поинтензивирана соработка со медиумите.


Разговараше: Елена Павловска Објавено: 22.03.2013