/ Прочитано:

1.043

Претседателот на Собранието на РМ за спроведувањето на планот за реформи од аспект на надлежностите на законодавниот дом

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, упати писмо до претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев, во врска со имплементацијата на „Планот 3-6-9“, од аспект на надлежностите на Собранието на Република Македонија.

„Надзорната функција на Собранието и на работните тела на Собранието мора да биде редовна и рутинска, се вели во писмото, во најголем обем и транспарентна, во насока на целосна информираност на пратениците од Македонија, бидејќи ние во нивно име и за нив ги носиме одлуките. Безбедносните и разузнавачките служби мора да подлежат на редовна и рутинска контрола од надлежните работни тела на Собранието, а во остварувањето на тоа, основав и ќе раководам со работната група составена од пратеници од сите парламентарни пратенички групи.“

„Се надевам дека по завршувањето на локалните избори, ќе имаме насоки и решенија за непречена, редовна и рутинска и надзорна функција на Собранието и на надлежните работни тела. Дозволете ми да напоменам дека на средбите на работната група ќе ги поканувам, а убеден сум дека активно ќе учествуваат и претставници на Владата и на безбедносните и разузнавачките служби“, истакнува претседателот Џафери во писмото.

Граѓанското општество, нагласува претседателот на Собранието, треба и мора да биде коректор, да ги надгради и да придонесе законите и актите што ги донесува Собранието да се оживотворат, да се применат во секојдневното живеење и работење на граѓаните и правните субјекти во Републиката. Деловникот на Собранието ќе се измени и дополни во членовите кои го регулираат учеството во работата на работните тела на научни, стручни и јавни работници со обврска на седниците на телата да се канат, а со тоа и активно да учествуваат претставниците на граѓанското општество. Деловникот на Собранието исто така ќе се дополни и  со тоа ќе се овозможи работните тела да одржуваат подготвителни седници на кои ќе се канат и ќе учествуваат претставниците на граѓанското општество.

Клубот на пратеници и Постојаната комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот се активни и во периодот што е пред нас и ќе го дадат својот придонес во реализација на „Планот 3-6-9“.

„Собранието во Деловникот го има регулирано доменот на пратеничките прашања, а идејата, односно подготвеноста на Владата за целосна транспарентност и надзор да се овозможи поставување на пратенички прашања на почетокот на новосвиканата седница во времетраење од еден час, ве уверувам дека ќе се реализира по завршувањето на локалните избори. Парламентарните партии на координација ќе го усвојат заклучокот кој ќе биде изготвен од работната група раководена од моја страна, а искуствата од примената на заклучокот ќе бидат преточени во Деловникот на Собранието“, вели Џафери.

„Убеден сум дека во изнаоѓањето решенија за пратеничките прашања активно ќе учествуваат и претставници на Владата. Собранието на Република Македонија било и секогаш ќе биде дом на демократијата, а отвореноста, спротивставените мислења и ставови се основата за градење и зајакнување на демократијата во Република Македонија. Законодавната власт и извршната власт се нераскинливо поврзани во остварувањето на потребите на граѓаните и правните субјекти, градењето реформски чекори, целосното почитување на слободите и правата, владеењето на правото и правната држава со што целосно ќе се реализираат евроатлантските перспективи на Република Македонија“, додава претседателот на Собранието.

М.В