/ Прочитано:

1.257

Претседателот на Собранието Талат Џафери: Ќе работиме во насока на зајакнување на парламентарната демократија

Во своето прво јавно обраќање како претседател на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери порача дека целосно ќе биде отворен за иницијативи кои ќе бидат во функција на зајакнување на парламентарната демократија. На конференцијата „Вклучени граѓани за транспарентно Собрание“, што ја организираше граѓанската асоцијација „МОСТ“, Џафери истакна дека основната обврска на парламентарното мнозинство ќе биде во насока на враќање на принципите на парламентарната демократија со крајна цел забрзување на евроинтеграциските процеси на Македонија.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, на денешниот настан „Вклучени граѓани за транспарентно Собрание“, кое го организираше граѓанската асоцијација „МОСТ“, нагласи дека основната обврска на парламентарното мнозинство ќе биде во насока на враќање на принципите на парламентарната демократија со крајна цел забрзување на евроинтеграциските процеси на Македонија.

Во ова свое прво јавно обраќање како претседател на Собранието на Република Македонија, Џафери вети дека целосно ќе биде отворен за иницијативи кои ќе бидат во функција на зајакнување на парламентарната демократија.

„Сакам како претседател на Собранието да ветам дека тргнувајќи од моите деловнички и уставни надлежности ќе работам токму на овие најзначајни прашања кои секако се во насока на унапредување и зајакнување на парламентарната демократија. Секако, успехот за тоа зависи од сите 120 пратеници кои седиме во Собранието, иако во прв ред одговорноста е на парламентарното мнозинство. Во изминатиов период, мнозинството секогаш на опозицијата гледаше како на политички противник кој треба да се победи, а на моменти и политички да се елиминира. За жал, притоа се заборава дека токму опозицијата е таа која дава целосен легитимитет на секој парламент и без неа не може да се зборува за вистински парламентаризам и парламентарна демократија. Притоа не мислам дека на опозицијата треба да се гледа како на некаков декор, кој дава легитимитет на Парламентот, туку мислам, пред сè, на нејзината активна улога во сите процеси кои се одвиваат во Парламентот. Токму тука ја гледам најголемата слабост во досегашното практикување на парламентарната демократија во Македонија. Од друга страна, опозицијата треба да биде свесна дека парламентарното мнозинство треба да ја спроведе и реализира својата програма, бидејќи врз основа на тоа народот му ја дал довербата“, потенцираше претседателот на Собранието, Џафери.

На денешната конференција, тој истакна дека по неговиот избор и конституирањето на Собранието, се надева дека наскоро ќе биде доделен мандатот за премиер, по што многу бргу ќе се формира и Влада, со што државата ќе се врати на патот кон создавање самостојни и функционални институции.

„Враќањето во нормална општествена состојба, која подразбира почитување на принципите на парламентарната демократија, владеење на правото и почитувањето на човековите права и слободи како индивидуални така и колективни, па сè до слободата на говорот, нема да се случи преку ноќ. Тоа е процес кој ќе трае еден подолг период. Парламентарното мнозинство транспарентно покажува дека тоа е наша заедничка обврска која ќе нè доведе до саканата цел, а тоа се евроатлантските интеграции“, истакна Џафери.

Што се однесува до последните насилни настани во Собранието, Џафери порача дека институциите треба да го истражат случајот, а оние што се огрешиле да одговараат во согласност со Уставот и законите.

На денешниот настан присуствуваше и директорот на Националниот демократски институт – Македонија, Крис Хеншоу, кој нагласи дека и покрај сите предизвици со кои се соочува Македонија, постои голема можност земјата да чекори напред.

Хеншоу потенцираше дека Собранието не смее да дозволи да се носат закони без вистинска сериозна дебата за нив, поради што од исклучителна важност е вклученоста на граѓаните. На овој начин, истакна Хеншоу, може да се постигне поголема транспарентност на законодавниот дом.

А. Б.