/ Прочитано:

848

Претседателот на Стопанската комора упатува на прописите на ЕУ во врска со трговскиот спор со Косово

Македонските власти ќе побараат објаснување со аргументи од Косово врз основа на кои меѓународни стандарди е донесена мерката на Приштина за забрана на увоз на компир и мед од земјава. Минатата недела косовскиот министер за трговија и индустрија, Ендрит Шаља, наложи забрана на увоз на компири и мед од Северна Македонија како одговор на забраната што Скопје ја воведе за увоз на риба за порибување од Косово.

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов, денеска изјави дека македонските производи ги задоволуваат светските стандарди и нема основа изјавата на косовските власти за причините за забрана за увоз на компир и мед.

„Ќе побараме од косовските власти во текот на утрешниот ден со аргументи да ни објаснат врз основа на кои меѓународни стандарди ја воведуваат забраната. Не држи изјавата на Косово дека со ЦЕФТА-договорот или по други меѓународни стандарди може да ни воведат забрана“, истакна Атанасов, одговарајќи на новинарски прашања по денешната презентација на новиот Правилник за условите за ставање во промет на храната од животинско потекло наменета за директно снабдување до крајните потрошувачи.

„Во врска со одлуката на министерот за трговија и индустрија на Косово, Ендрит Шаља, за воведување забрана за увоз на мед и компири од Северна Македонија, сакам да истакнам дека во целост се согласувам со ставот на мојот пријател Сафет Ѓергалиу, економски аналитичар и поранешен претседател на Стопанската комора на Косово“, вели Бранко Азески.

Впрочем вака јавно изнесен став треба, додава тој,  да биде пример како бизнисот треба да реагира во услови кога се преземаат политички чекори за носење популистички одлуки.

Сафет Ѓергалиу, економски аналитичар и поранешен претседател на Стопанската комора на Косово: Одлуката на министерот за трговија и индустрија на Косово, Ендрит Шаља, за воведување на забрана за увоз на мед и компири од Северна Македонија, е во најмала мера популистичка одлука, која е неразумна и е донесена во погрешно време.

Од една страна, се поставува легитимитетот на донесената одлука затоа што е донесена од влада која е во оставка бидејќи владата во заминување нема право да донесе таква одлука. Косово е во многу тешка положба и ваквите одлуки се апсурдни и ѝ штетат на иднината на Косово.

Од друга страна, какви се анализите што ѝ претходеа на оваа одлука? Дали ќе биде тоа популизам, или станува збор за други интереси, кои навистина му штетат на Косово – како политички, така и економски, социјално и пред сè, во однос на интеграцијата и добрите односи со државите од регионот. Оваа одлука треба да ги засега сите оние кои го гледаат Косово како дел од регионот и сакаат да го видат во едно европско семејство, како земја модел за добрососедство. Оваа одлука, како и одлуката од минатата година за воведување на царинска стапка од 100% за производите од Србија и Босна и Херцеговина, придонесуваат Косово денес воопшто да не биде на листата земји во однос на атрактивноста на привлекување странски инвестиции, како што покажа и рангирањето на ‘Фајненшл тајмс’ објавено пред некој ден.

„Имено, забраната за увоз на рибен подмладок и икра не се однесува само за Косово, туку и за сите останати земји кои немаат мониторинг бидејќи земјава се подготвува од следната година да добие дозвола за извоз на свежа риба на европскиот пазар. Мерката е воведена во согласност со прописите на ЕУ за увоз на овие производи и е во согласност и со Спогодбата за санитарни и фитосанитарни мерки на СТО каде што Република Северна Македонија е членка од 2003 година.

Оттука, воведувањето реципрочна мерка од косовската страна за забрана за увоз на одредени производи (компири и мед), во услови кога Македонија упатува на почитување европски правила и прописи, упатува дека станува збор за популистичка одлука донесена како резултат на инатење и попречување на добрите економски односи без основ.

Инаку, и согласно правилата на ЦЕФТА, Министерството за економија уште во јуни на редовните состаноци на ЦЕФТА одговори на косовската страна по ова прашање, а исто така и Агенцијата за храна и ветеринарство ја извести косовската страна дека новите законски прописи се донесени во согласност со европската регулатива. Во изминатиот период Агенцијата за храна и ветеринарство направи интензивни напори за надминување на проблемот со цел добивање соодветни информации за животинскиот и рибниот здравствен статус, но вакви податоци не се добиени, иако се побарани повеќе пати од ресорната институција во Република Косово. Како што информираше и Министерството за економија на нашата земја, надлежните органи на Косово истакнаа дека системот за надзор на рибни болести во Република Косово не се следи.

Во согласност со достапните податоци, извозот на мед во Косово во 2018 година е во вредност од 464.199,00 американски долари, додека во првите 5 месеци од 2019 година е во вредност од 212.227,00 американски долари. Од земјава во Косово годишно се извезуваат од 40 до 1.000 тони компири“, образложува Азески.

М.В