/ Прочитано:

1.730

Претседателот на Уставниот суд на свеченото отворање на судиската година на Европскиот суд за човекови права

Претседателот на Уставниот суд на Република Македонија Никола Ивановски и судијата Владимир Стојаноски учествуваа на свеченото отворање на судиската година на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

akademik foto

На свечената седница на присутните им се обратија претседателот на Европскиот суд за човекови права  Гвидо Раимонди и претседателот на Меѓународниот кривичен суд Силвија Алехандра Фернандес де Гурменди.

Владеењето на правото, истакна претседателот на Европскиот суд за човекови права, е една од придобивките на европската цивилизација и тие вредности мора да бидат штитени особено од врховните и од уставните судови.

„Во рамките на свеченостите беше одржан и семинар на тема: Принципот на непротерување и невраќање како принцип на меѓународното право и улогата на судството во неговата имплементација, на кој учествуваа повеќе од 300 претставници на највисоките судови во Европа. За време на престојот во Стразбур претседателот на Уставниот суд на Република Македонија оствари средба со претседатели на уставни судови од неколку европски земји, како и со претставници на меѓународни институции и организации“, велат од Уставниот суд.

Како што се пропишува во Уставот на РМ, Уставниот суд  ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Европскиот суд за човекови права е меѓународен суд, надлежен да постапува по индивидуални или меѓудржавни жалби, во кои што има наводи за повреда на граѓанските и политичките права предвидени со Европската конвенција за човекови права.

Уставен суд табла на влез

12 пресуди за случаи против Република Македонија

Во рамки на отворањето на судиската година на Европскиот суд за човекови права беше презентиран и годишниот извештај на Судот. На генерално ниво во поглед на судската пракса на ЕСЧП во изминатата година постои зголемување на бројот на предмети пред Европскиот суд за човековите права.

Досега, како што објави Судот, во текот на 2016 година Европскиот суд  за човекови права (ЕСЧП) има донесено вкупно 12 пресуди против Република Македонија. Судот во Стразбур не утврдил во сите пресуди повреда на некое од правата и слободите загарантирани со Европската конвенција за човековите права. Во 8 пресуди е констатирано кршење на Конвенцијата за човекови права, додека во 4  немало повреда на ниту едно од правата и слободите загарантирани со Конвенцијата.

fotografija

Зголемувањето на предметите пред ЕСЧП во најголем дел се должи на состојбите во Унгарија и Романија во однос на условите на притвор и затвор, и на драматичните случувања во Турција поврзани со обидот за воен удар. Држави со најголем број на пресуди против нив и барем една повреда на Европската конвенција за човекови права се: Русија (228 пресуди), Турција (88), Романија (86), Украина (73), Грција (45) и Унгарија (41). Покрај тоа, на 31 декември 2016 година, мнозинството на предмети во постапка беа против Украина (22,8 %), Турција (15,8 %), Унгарија (11,2 %), Русија (9,8 %) и Романија (9,3 %).

М.В