Претседателот Пендаровски повикува на граѓанско помирување
Функцијата ќе ја извршувам совесно и одговорно
Новиот претседател на државата, Стево Пендаровски, во Собранието даде свечена заклетва дека функцијата ќе ја извршува совесно и одговорно, дека ќе ги почитува Уставот и законите и дека ќе ги штити независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата.
Пендаровски рече дека ќе биде претседател на сите граѓани и дека ќе биде посветен на реформите. Во своето обраќање во Собранието, Пендаровски нагласи дека ќе се бори против корупцијата, нагласувајќи притоа дека власта, опозицијата и бизнис-секторот треба да соработуваат во борбата против корупцијата.
Време е да ги залечиме отворените рани од нашето скорешно минато и реално да го започнеме граѓанското помирување затоа што немаме резервна татковина која можеме да ја наречеме наш дом. На тој пат сакам да се вложам без остаток, не водејќи сметка за сопствениот политички рејтинг. Сите добронамерни луѓе, политичари и партии што ќе решат да одат по истиот тој пат ќе ја имаат мојата поддршка.
Претседателот Пендаровски истакна дека, покрај борбата против корупцијата, врвен државен приоритет е економскиот раст и дека нема просперитет ако најдобрите сакаат да работат во државната администрација или ако сакаат да си заминат надвор.
Новиот македонски претседател нагласи дека евроатлантските интеграции се врвен стратешки приоритет и дека за нив е потребно обединување на сите фактори во државата. Ќе се ангажирам, додаде Пендаровски, за интеграција во НАТО и во ЕУ.
За Пендаровски меѓуетничките односи се столбот на стабилноста, а договорите со Грција и Бугарија се позитивен пример како е возможно да се заштитат националните интереси и да се промовираат стратешките цели.
Биографијата на Стево Пендаровски
Стево Пендаровски е роден на 3 април 1963 година во Скопје. Дипломирал во 1987 година на Правниот факултет, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, а магистрирал и докторирал на Институтот за социолошки и политички правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.
Во изминатите единаесет години бил професор на Универзитетот „Американ колеџ“ Скопје, каде што ги предавал предметите: Меѓународна безбедност, Меѓународни односи, Вовед во политика, Глобализација, Геополитика, Надворешната политика на САД, Надворешната и безбедносна политика на ЕУ и Малите држави во светската политика.
Во периодот 1998 – 2001 бил началник на Управата за аналитика и истражување во Министерството за внатрешни работи и портпарол на Министерството.
Од 2001 до 2004 година е советник за национална безбедност на претседателот на Република Македонија. Од 2004 до 2005 година е претседател на Државната изборна комисија. Од 2005 до 2009 година е советник за надворешна политика на претседателот на Република Македонија. Од 2016 до 2017 година е пратеник во Собранието на Република Македонија.
Пред неговиот избор за претседател Пендаровски беше национален координатор за подготовка на Република Македонија за членство во НАТО.
Надлежностите на претседателот на државата според Уставот
Според Уставот, претседателот на Република Северна Македонија ја претставува Републиката и е врховен командант на вооружените сили на Северна Македонија. Претседателот на Републиката своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Должноста претседател на Републиката е неспојлива со вршење на друга јавна функција, професија или функција во политичка партија.
Претседателот на Републиката ужива имунитет. За одземање на имунитетот на претседателот на Републиката одлучува Уставниот суд на Република Северна Македонија со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број судии.
Претседателот на Република Северна Македонија:
– го определува мандаторот за состав на Владата на Република Северна Македонија;
– ги поставува и ги отповикува со указ амбасадорите и пратениците на Република Северна Македонија во странство;
– ги прима акредитивните и отповиковните писма на странските дипломатски претставници;
– предлага двајца судии на Уставниот суд на Република Северна Македонија;
– предлага двајца членови на Судскиот совет на Република Северна Македонија;
– именува тројца членови на Советот за безбедност на Република Северна Македонија;
– именува и разрешува и други носители на државни и јавни функции утврдени со Уставот и со закон;
– доделува одликувања и признанија во согласност со закон;
– дава помилувања во согласност со закон и
– врши други функции утврдени со Уставот.
Претседателот на Републиката го известува Собранието за прашања од неговата надлежност најмалку еднаш годишно.
Собранието може да побара од претседателот на Републиката мислење за прашања од неговата надлежност.
Претседателот на Републиката е претседател на Советот за безбедност на Република Северна Македонија. Советот ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и Владата.
Претседателот на Републиката е одговорен за кршење на Уставот и законите во вршењето на своите права и должности.
Постапка за утврдување на одговорност на претседателот на Републиката покренува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. За одговорноста на претседателот одлучува Уставниот суд со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број судии.
Ако Уставниот суд утврди одговорност на претседателот на Републиката, функцијата му престанува по сила на Уставот.
Надлежностите на претседателот на државата според Уставот
Официјални податоци на ДИК: Стево Пендаровски е новиот претседател на државата
Официјално соопштение на ДИК за утврдените резултати од гласањето на изборите
Постапката за вториот круг на претседателските избори
Официјални податоци на ДИК за првиот круг на претседателските избори
М.В