/ Прочитано:

1.679

ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ИЗБОРИ: Сакаш да дадеш потпис за поддршка на кандидат, а во твоето место нема подрачна единица на ДИК – вложи напор!

Според постојната законска регулатива доколку граѓанин сака да го даде својот потпис за поддршка на  кандидатура за влез во претседателската трка тогаш тоа треба да го стори во подрачните единици на ДИК. Но, некои градови и села во земјата немаат подрачни едници па доколку овие граѓани сакаат да го остварат ова свое право ќе треба да вложат – напор, збор со кој првоповиканата надлежна институција за спроведување на изборите ја опишува „постапката“ за давање на потпис за поддршка на нечија кандидатура.

ДИК: Треба да се вложи напор

Сама по себе се наметнува констатацијата дека граѓаните од овие места се доведени во нерамноправна положба во однос на другите граѓани. Имено, вака поставеното решение го отвора и прашањето дали изборната регулатива во овој контекст е  на некој начин, условно кажано – дискриминирачка за посочените граѓани.

Од Државната изборна комисија скромно велат дека постои извесна нелогичност, но – таков бил законот.

„Доколку граѓаните од овие места сакаат да гласаат ќе треба да вложат напор и ќе треба да одат до најблиските подрачни единици. Ние немаме можност да интервенираме по ова прашање затоа што таков е законот“, потенцираат од ДИК.

Социјална фантастика

Проф. д-р Гордана Силјановска во оваа насока истакнува дека не граѓаните, туку државата е таа што треба да вложи напор за да им се овозможи ова право на граѓаните. Таа вели дека тоа е должност на надлежните институции и дека тие се најповикани да ја решат оваа нелогичност.

„Не треба ние, граѓаните, да правиме напор, државата е таа што треба да направи напор за да се овозможи рамноправен пристап на и до сите граѓани. ДИК е постојана комисија, не е ад хок комисија и таа треба да ги следи постојано овие ситуации. ДИК е таа која треба да создаде институционални можности и еднакви основи за сите граѓани. Кога веќе ДИК тврди дека е подготвена, тогаш логично е ова прашање да било апсолвирано“, смета Силјановска.

Професорката укажува дека некои компаративни модели на собирање на потписи се социјална фантастика за наши услови.

„Компаративно гледано, во некои земји овој концепт на собирање на потписи е базиран на доверба, со едноставно собирање на потписи без засебен обик и методологија пред подрачни едници, но тоа кај нас веќе е социјална фантастика“, заклучува професорката.

ДИК да не бара алиби

За Иџет Мемети, Народен правобранител, таму каде има потреба, ДИК треба да постави пунктови со кои на граѓаните ќе им се овозможи да го остварат тоа свое право.

„Таква законска можност постои и ДИК не треба да бара алиби, односно таму каде има потреба, а граѓаните не можат да дадат потпис затоа што нема каде да го дадат, тоа право треба да им се овозможи.  Инаку, законот е јасен во оваа насока односно има основа дека може да се отворат дополнителни пуктови за давање на потписот. Сепак,  во ситуација кога оваа можност во законот постои, не може да се говори за формална дискриминација, но секако треба да им се оствари правото на граѓаните“, вели Народниот правобранител.

На тест се става самоиницијативноста на граѓаните

Проф. д-р Билјана Ванковска, која поднесе барање за да почне процедурата за собирање 10 илјади потписи со кои таа како независен кандидат ќе влезе во трката за претседател на државата, посочува дека правно-техничките проблеми како овој не се изолирани.

„Проблем, на пример, за Скопје – градот во кој живее третина од популацијата, е во тоа што Ѓорче Петров и Карпош гласаат во канцеларија која се наоѓа во Козле, на улица Стрезово бр. 7. Дотаму нема автобуска линија, а мнозина никогаш не слушнале за уличката. Аеродром и Центар собираат потписи заедно во просториите на ДИК во општина Центар. И да не набројувам. Во случај како мојов, навистина на тест се става самоиницијативноста на граѓаните и нивната вистинска желба да ја најдат канцеларијата“, аргументира Ванковска.

Како што и посочиле од ДИК, дополнителни пунктови и одделенија нема да се отворале, затоа што, како што нагласиле, ДИК немал ниту доволно луѓе ниту доволно канцеларии.

И кандидатите да вложат напор – сами да си принтаат формулари за собирање на потписи

„Замислете сега операција која поединец би требал да ја направи? Да определи во кои ДКП би сакал да собира потписи, да испринта формулари и да ги испрати по ДХЛ, да му ги вратат на ист начин, и плус да има овластено лице. Невозможна мисија! И прескапа! Не можев да верувам кога сфатив дека секој потенцијален кандидат треба самиот да си испринта доволен број формулари за собирање потписи. Но, јас сум таа која треба да им обезбеди хартија. Ако снема (дај боже), мојот претставник (со нотарски заверено полномошно) ќе треба да врши дотур. Значи, да заклучам, полесно е да гласате отколку да ве гласаат!“,  истакнува професорката чија кандидатура е во фазата на собирање на граѓански потписи.


Автор: Милчо Велјаноски

Објавено: 05. 2. 2014