/ Прочитано:

1.900

Претседателски избори во Франција: Емануел Макрон и Марин Ле Пен во вториот круг

Конечните резултати, пријавени од француското Министерство за внатрешни работи, покажуваат дека независниот центристички кандидат Емануел Макрон освои 23,75 проценти, додека кандидатката, односно лидерот на крајнодесничарскиот „Национален фронт“ Марин ле Пен освои 21,53 проценти од гласовите. Исходот од првиот круг на претседателските избори во Франција аналитичарите го оценуваат како земјотрес на политичката сцена во земјата, нагласувајќи дека по овие избори политичкиот пејзаж ќе биде сосема променет. Во првиот круг од гласањето за нов шеф на француската држава целосно се избришани двете третини од традиционалната политичка формација која со децении наназад се менуваше на чело на државата.

Неизвесноста во првиот круг од претседателските избори во Франција траеше до самото затворање на гласачките кутии, а резултатот, како што оценуваат аналитичарите, е крајно изненадувачки. Конечните резултати, пријавени од француското Министерство за внатрешни работи, покажуваат дека независниот центристички кандидат Емануел Макрон освои 23,75 проценти, додека кандидатката, односно лидерот на крајнодесничарскиот „Национален фронт“ Марин ле Пен освои 21,53 проценти од гласовите. Ова е показател дека неизвесноста ќе продолжи и во вториот круг од претседателските избори кои треба да се одржат на 7 мај.

Исходот од првиот круг на претседателските избори во Франција аналитичарите го оценуваат како земјотрес на политичката сцена во земјата, нагласувајќи дека по овие избори политичкиот пејзаж ќе биде сосема променет. Во првиот круг од гласањето за нов шеф на француската држава целосно се избришани двете третини од традиционалната политичка формација која со децении наназад се менуваше на чело на државата.

„Вртиме нова страница во француската политичка историја“, беше првата реакција на Емануел Макрон, а Ле Пен изјави дека за неа и за нејзината партија исходот од првиот круг на изборите претставува историски резултат. Трет е конзервативецот Франсоа Фијон со 19,91 проценти, а потоа следува кандидатот на крајната левица Жан-Лук Меланшон со 19,64 отсто од гласовите, стои во соопштението на француското МВР. 

Кандидатите за претседател на Франција од традиционалните партии кои доживеаја спектакуларен пораз ги повикаа своите поддржувачи да гласаат за Макрон. Имено, третопласираниот, кандидатот на традиционалната десница во Франција и поранешен премиер во владата на Никола Саркози, Франсоа Фијон, кој освои 19,91 отсто од гласовите, истакна дека екстремизмот може само да донесе голема несреќа во Франција.

Беноа Амон, претседателскиот кандидат на Социјалистичката партија, го призна, како што рече, историскиот пораз на својата партија и ги повика поддржувачите да гласаат за Макрон, нарекувајќи ја притоа Ле Пен „непријател на Републиката“.

Вака отворените повици, според политичките експерти во Франција, претставуваат почеток, односно формирање фронт против Националниот фронт на Ле Пен, што според нив потсетува на ситуацијата од 2002 година, кога во вториот круг од тие претседателски избори, противкандидат на Жак Ширак беше Жан Мари Ле Пен, татко на Марин Ле Пен.

Светските медиуми, како што се „Гардијан“ и „Тајмс“, пишуваат дека резултатот од првиот круг на претседателските избори во Франција е одраз на политичката поделеност на земјата, а генералната оценка е дека француската политичка елита е понижена. 

Според анализата на „Гардијан“, во Франција и натаму постои реална закана од страна на екстремната десница, па во оваа насока весникот истакнува дека Емануел Макрон е најдобра надеж за земјата, која во моментов се соочува со сериозни проблеми.

Анализите на „Фигаро“,  „Либерасион“, „Фајненшл тајмс“ предвидуваат дека Макрон е сѐ поблиску до функцијата претседател, особено поради фактот што се очекува поддржувачите на кандидатите на традиционалните партии во Франција својот глас да го дадат за овој независен кандидат.

Според германските познавачи на политичката состојба во Франција, резултатот од првиот круг на претседателските избори е одраз на желбата на Французите за промена и за обнова, а неделникот „Шпигл“ предвидува победа на Макрон.

А. Б.