26 септември, 2013 09:28
paula
/ Прочитано:
Претставка до Уставен суд за новиот Закон за абортус
Четврток, 26 септември 2013 – Граѓанската асоцијација „Хера“ утре ќе поднесе претставка пред Уставниот суд за преиспитување на законитоста на новиот Закон за абортус.
Кон претставката пред Уставен суд се вклучуваат Реактор, Хелсиншкиот комитет за човекови права, Коалицијата за заштита на сексуалните права на маргинализираните заедници и доц. д-р Каролина Ристова – Астеруд.
Утре, на Меѓународниот ден за пристап до безбеден и легален абортус, „Хера“ ќе организира тркалезна маса со претставници на граѓанското општество, активисти за човекови права, пратениците од Собранието на РМ и медиумите на којашто ќе се презентира и дискутира постапката за оценување на уставноста на новиот Закон за абортус.
Дополнително, „Хера“ ќе ги изнесе и првите сознанија за негативните ефекти од примената на новиот закон, информираат од организацијата.
Законот ги опфаќа условите под кои може да се врши прекинувањето на бременоста, постапка за одобрување, задолжителното советување, паричните глоби и кривичната одговорност на институциите кои ќе работат надвор од законските рамки.
Во делот на условите под кои жените ќе може да ја прекинат бременоста, според најновите законски рамки, абортусот мора да се спроведува со писмена согласност од жената која најмногу смее да е до десеттата недела во бременоста. Исклучок за надминување на овој рок е кога:
- врз основа на медицински индикации ќе се утврди дека бременоста претставува опасност по животот или ќе доведе до тешко нарушување на здравјето на жената за време на бременоста, породувањето или по породувањето.
- врз основа на научни сознанија може да се очекува дека детето ќе се роди со тешки телесни или душевни недостатоци,
- до зачнувањето дошло во врска со извршување на кривично дело: силување, обљуба врз немоќно лице, полов напад врз дете, обљуба со злоупотреба на положбата или родосквернавење и
- ќе се утврди дека во текот на бременоста или по породувањето би можела жената да дојде во тешки, лични семејни, материјални или други прилики што ќе имаат одраз врз нејзиното здравје.
Во делот на постапката, пред прекинување на бременоста докторот е должен да изврши советување на бремената жена за можните предности за продолжување на бременост, како и за ризиците при спроведување, односно не спроведување на интервенцијата за прекинување на бременоста по здравјето и животот на жената, методите за вршење на прекинување на бременоста и да ја запознае со можностите и методите за спречување на бременоста.
Меѓутоа, ако докторот утврди дека прекинувањето на бременоста не го дозволува здравствената состојба на бремената жена, или дека со прекинување на бременоста ќе се загрози животот или здравјето на жената, или се изминати повеќе од десет недели од денот на зачетокот, е должен да ја упати бремената жена на првостепена комисија за одобрување на прекинување на бременоста.Првостепената комисија за прекинување на бременоста ја формира директорот на здравствената установа во која се врши прекинување на бременоста. Трошоците за работата на првостепената комисија паѓаат на товар на здравствената установа за која што е формирана. По приговор против одлуката на првостепената комисија решава второстепената комисија која, пак, ја формира министерот за здравство на ниво на Република Македонија.
Прекршочните одредби од Законот, предвидуваат парични глоби од 25.000 до 50.000 евра за здравствените установи и од 2.000 до 3.500 евра за докторите кои нема да постапат согласно законските рамки. Глоби од 5.000 до 6.000 евра за незаконско работење се предвидени за директорите на здравствените установи и членовите на комиисиите кои ќе одлучуваат за прекинувањето на бременоста. Затвор од шест месеци до три години се предвидува за доктор кој ќе изврши прекинување на бременоста спротивно на законските одредби. Здравствена установа која врши прекинување на бременоста, а не ги исполнува законските услови, кривично ќе одговара и ќе се казни со парична казна и со трајно одземање на дозволата за работа. Директорот на установата кривично ќе одговара и ќе се казни со казна затвор од шест месеци до три години.
Донесувањето на Законот за прекин на бременоста се одвиваше по итна постапка, а беше проследен со протести од невладините организации.