/ Прочитано:

1.236

Претставката за мобинг на просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски пред собраниската Комисија за човекови права

Денеска Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата ќе расправа за претставката од Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор, вработен во Државниот просветен инспекторат.

Претставката на просветниот инспектор Илиевски се однесува на вршењето притисок и мобинг на работно место по констатирање на незаконски унапредувања на јавни функционери во наставно-научни звања на Универзитетот во Тетово.

Во врска со констатираните незаконитости, Илиевски по актуализирањето на случајот истакна дека поаѓал од Законот за високо образование, Законот за инспекциски надзор и Законот за просветна инспекција, при што се сочинети и доставени записници и решенија до Универзитетот во Тетово за почитување на законитоста. Исто така, просветниот инспектор истакна и дека поради случајот бил деградиран на работното место, со што, како што нагласи, му била нанесена неправда и му било прекршено правото, како и законите.

Според Законот за заштита од вознемирување на работно место,  мобингот односно психичко вознемирување на работно место е секое негативно однесување од поединец или група кое се повторува, континуирано и систематски, претставува повреда на достоинството, интегритетот, угледот и честа на вработениот и предизвикува чувство на страв или создава непријатност, пониженост, чија крајна цел може да биде повреда на физичкото и менталното здравје, компромитирање на професионалната иднина на вработениот, престанок на работниот однос или напуштање на работното место.

М.В