/ Прочитано:

1.101

Претстојните локални избори губат од својата тежина за сметка на товарот од отсуството на политички дијалог

Претстојните избори на градоначалници и советници во локалната самоуправа се закажани во амбиент на досега незабележана политичка криза и отсуство на дијалог меѓу најголемите политички партии од македонскиот камп. Нивниот исход останува неизвесна променлива и покрај препораките на меѓународните и домашните набљудувачки фактори како ОБСЕ и Граѓанската асоцијација „Мост“. Од циклус на циклус, во изборниот процес се повторуваат истите грешки, оти им се посветува само краткорочно внимание, смета Наталија Пешиќ, истражувач во „Вистиномер“, платформа за проценување на отчетноста и одговорноста на партиите пред граѓанството. Весна Јовановска, судија во Управниот суд во Скопје, упатува на неопходноста од натамошно регулирање на конкретните надлежности во управните спорови кога се одлучува за поединечни акти донесени во изборната постапка за нејзината примена да биде потполно во согласност со Изборниот законик.

Хармонично со востановениот систем на парламентарна демократија, според законските одредби во Република Македонија, правото на граѓанството на локално рамниште се остварува преку советите на општините и на градот Скопје како посебна административна единица. Составени од претставници на граѓаните избрани на локални избори, претставничките тела, како и градоначалниците, се задолжени да ги застапуваат и штитат граѓанските интереси, решавајќи исклучиво во име на граѓаните. Според Член 16 од Изборниот законик, изборите за членови на совет и за градоначалник се одржуваат секоја четврта година, во втората половина во месец март. Оваа година, локалните избори закажани за 24 март се одржуваат под превезот на „Црниот понеделник“ од кого произлегоа досега незабележана политичка криза и отсуство на дијалог меѓу најголемите партии на македонска страна.

Меѓународниот фактор со повик, домашниот политички камп без слух

Мисијата на ОБСЕ, заедно со Мисијата на ЕУ, Канцеларијата за врски на НАТО, и Амбасадата на САД во Македонија изјавија оти со загриженост ја следат домашна политичка ситуација, препознавајќи потреба од продолжување на изборните реформи по завршувањето на овие избори. Според најавата, ОБСЕ и ОДИХР во Скопје ќе имаат 11 експерти, а низ Републиката ќе бидат распоредени 16 долгорочни набљудувачи што ќе го моноторираат спроведувањето на Изборниот законик, законите поврзани со изборите, регистрирањето на кандидатите, изборната кампања, работата на изборната администрација и релевантните владини тела, медиумската средина и разрешувањето на изборните спорови. Според оценката на ОДИХР, иако препораките на ОБСЕ делумно се спроведени по изборите во 2011 година, отворени стојат бројни прашања што изискуваат внимание на претстојните избори: процедурата на составување на избирачкиот список, изборната кампања и можната злоупотреба на административните капацитети, медиумското покривање на изборите, процедурите за финансирањето на кампањите итн.

Според Членовите 161 и 162, процедурата за набљудување на изборите ја утврдува Државната изборна комисија. Изборите и изборната постапка можат да ги набљудуваат: домашни здруженија и странски организации регистрирани во согласност со законите, најмалку една година пред денот на одржувањето на изборите, а во чии статути е вклучено начелото на заштита на човековите права; меѓународни организации, како и претставници на странски земји. Овие организации добиваат овластување од ДИК, која, пак, има право и да им го одземе овластувањето за набљудување ако започнат да изразуваат поддршка за некој кандидат, партија или коалиција. Единствено акредитираните набљудувачи можат да информираат за текот на изборниот процес и активностите поврзани со неговото набљудување и имаат право да ги евидентираат сите свои забелешки во дневникот на избирачкото место.

Покрај ОБСЕ, изборите ќе ги набљудува и Граѓанската асоцијација „Мост“, која ќе обучи и распореди повеќе од 3500 набљудувачи низ целата Република. Во својата десетгодишна дејност на следење на изборите на национално ниво, набљудувачите на „Мост“ го следат и текот на предизборната кампања, работата на изборните органи, предвременото гласање, а обрнуваат внимание и на постапката на жалби и поплаки. Асоцијацијата ја поддржува Меѓународната Декларација за универзалните принципи за непартиско набљудување на изборите од страна на граѓанските организации, а повеќемина нејзини членови биле дел и од голем број меѓународни мисии за мониторинг на избори.

Од избори на избори се повторуваат истите грешки и недоследности

Земајќи ги предвид досегашната практика на спроведување избори и моментните политички превирања произлезени од „Црниот понеделник“, македонското изборен „образец“ има слаба и неодржлива подлога на јавна дискусија, смета Наталија Пешиќ, истражувач во „Вистиномер“, платформа за проценување на отчетноста и одговорноста на партиите пред граѓанството, иницирана од фондацијата „Метаморфозис“.

„Од циклус на циклус, во изборниот процес се повторуваат истите грешки, оти им посветуваме само краткорочно внимание. На пример, кога станува збор за мисијата на ОБСЕ, во екот на изборите најмногу се дискутира за првиот извештај што ОБСЕ го објавува пет дена по изборите, додека крајниот извештај, којшто се објавува по една година и содржи исцрпни согледувања и препораки, најмалку е предмет на јавна дискусија. На последните избори, крајниот извештај на ОБСЕ како најпроблематични ги истакна предизборните активности, спротивставените провладини и опозициски струења во медиумското известување, тенденцијата на незапазување на роковите пропишани во Изборниот законик, како и гласањето на повеќе лица во исто време“, наведува Пешиќ.

Пешиќ укажува оти претстојните локални избори однапред губат од својата тежина за сметка на товарот што го носат во однос на цврстиот став на опозицијата за изборен бојкот.

„Многумина ќе речат дека не е проблематично што Социјалдемократскиот сојуз не учествува на изборите, тврдејќи дека на страната на опозицијата има ред други политички партии. Според мене, сепак, станува збор за најголемата опозициска партија, така што нејзиното неучество ја загрозува излезноста на гласачкото тело и непосредно ја става под знак прашалник легитимноста на кандидатите избрани без конкуренти од другиот крај на политичката оска, бидејќи во нивната заднина нема да стои политички консензус“, подвлекува Пешиќ.

За споредба, на претходните локални избори, во 2009 година, во првиот круг излезноста била околу 49 отсто, а во вториот близу 42 отсто.

Во согласност со Член 135, првичните резултати од изборите добиени по електронски пат ДИК ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците од општинските изборни комисии, односно Изборната комисија на градот Скопје, во рок од 12 часа по завршувањето на изборите. ДИК, конечните резултати од изборите ги објавува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од денот на нивната конечност. Конечно, како што е одредено во Член 178, за спречување на изборите и гласањето; за повреда и злоупотреба на избирачкото право; за повреда на слободата на определувањето на избирачите; за поткуп при изборите и гласањето; за уништување на изборните исправи и за извршена изборна измама, сторителот ќе се казни според одредбите на Кривичниот законик во итна судска постапка.

Законитоста на изборниот процес во надлежност на Управниот и Вишиот управен суд

Преглед на дилемите во врска со доследната примена на законските одредби кои се однесуваат на улогата на Вишиот управен суд во постапката за заштита на избирачкото право и законитоста во изборниот процес беше направен и на семинарот насловен „„Надлежност на управното судство во врска со примената на Изборниот законик“, организиран на 15 февруари 2013 година од Академијата за судии и јавни обвинители. На средбата, во однос на заштитата на избирачкото право на подносителите на листите и на избирачите, предничеше констатацијата дека одлуките на Вишиот управен суд се правосилни и против нив не може да се изјави жалба, ниту пак да се примени друг вид правна заштита.

На изборното законодавство и добрите изборни практики преку компаративен пристап, меѓу останатите учесници, се осврна и проф. д-р Гордана Силјановска-Давкова, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Според неа, генералната оцена во сите досегашни извештаи за изборите од 2011 година пренесува дека изборната рамка е солидна и во многу погледи европска, овозможувајќи фер и демократски избори, но додаде дека треба да се најдат соодветни механизми за надминување на воочените недоречености во изборната практика. Силјановска-Давкова забележа исто така дека Македонија спаѓа во малкуте држави со кодифицирано изборно законодавство, со што се отстранети одредени пропусти, и истакна оти подобрувањето на законските решенија и натаму останува континуиран процес.

Подробно објаснување на надлежноста на Управниот и на Вишиот управен суд во однос на изборната постапка, за Академик, даде Весна Јовановска, судија во Управниот суд во Скопје.

„Управниот суд, како еден од носителите на судската власт во Македонија, во управен спор, меѓу другото, одлучува и за законитоста на поединечните акти донесени во изборната постапка и на поединечните акти за избори. Законот за управните спорови воспостави сосема нова концепција на управното правосудство кај нас, со тоа што надлежноста за управните спорови ја пренесе од Врховниот на Управниот суд, меѓутоа сè уште нема детална разработка на постапката на судот во однос на прашањата и тужбите произлезени од изборната постапка. Така, на семинарите и средбите со управните судии честопати дискутираме за недореченоста околу тоа дали одлуките на Управниот суд може да бидат понатаму разгледувани во второстепена инстанција од Вишиот управен суд. Ова ја наложува неопходноста од натамошно регулирање на конкретните надлежности во управните спорови кога се одлучува за поединечни акти донесени во изборната постапка, со цел нејзината примена да биде целосно во согласност со Изборниот законик“, констатира судија Јовановска.


Автор: Далибор Стајиќ Објавено: 27.02.2013