/ Прочитано:

3.577

ПРЕЗАСИТЕНОСТ ОД ПРАВНИ ФАКУЛТЕТИ: Професори од „Јустинијан Први“ за најавениот нов државен универзитет и правен факултет

Наставно-научниот совет на Правниот факултет „Јустинијан Први“ реагира на најавеното отворање на нов правен факултет и нов државен универзитет во Скопје, за кои е предложен закон во Собранието на Република Македонија.

praven-sistem-makdeonija-justicija.jpg

Минатата недела  во Собранието на Република Македонија, Владата предложи Закон за основање на Универзитет за национална одбрана, безбедност и мир „Дамјан Груев” во Скопје. Во предложениот Закон се пропишува дека во рамките на Универзитетот ќе функционира и Правен факултет „Павел Шатев“.

Најавите за нов правен факултет и нов државен универзитет на почетокот на оваа недела беа разгледани и од Наставно – научниот совет на Правниот факултет „Јустинијан први“.

Членови на Наставно – научниот совет од Правниот факултет „Јустинијан први“ за Академик велат дека на седница на Советот било заклучено дека за ова прашање неопходно е да се поведе поширока јавна расправа на универзитетско ниво, а посебно во врска со  потребата од основање на новиот универзитет, како и за основањето на нов правен факултет.

„Никнаа правни факултети на секој чекор, уште еден ли е потребен во целата оваа презаситеност“, велат  професори од „Јустинијан Први“, реагирајќи на предложениот закон за нов државен универзитет.

Проф. д-р Горан Коевски вели дека е неразбирливо и неоправдано да се формира нов правен факултет и, згора на тоа, да се најавува како „водечки во земјата“ во состојба кога постои презаситеност од правни факултети.

prof-d-r-goran-koevski-za-akademik-4.jpg

„Во состојба кога се форсираат техничките науки, при постоење презаситеност од правни факултети низ земјава, каква е потребата за основање нов правен факултет? Воедно, овој факултет се најавува како водечки. Како може да се најавува како водечки кога е штотуку најавен, ниту пак е изгласан? Како може да се оценува и да се вели дека се работи  за водечки факултет кога сè уште нема ни профункционирано, или, пак, во време кога Правниот факултет одбележува шеесетгодишна традиција?“, прашува професорот Коевски, оценувајќи го предлогот како апсурден.

Тој додава дека во таа насока треба да се елаборира и какви се буџетските импликации од основањето на новиот универзитет и дали е направена соодветна финансиска анализа во однос на државниот буџет, нагласувајќи дека за подобро високо образование логично е да се  инвестира во постојните факултети.

Проф. д-р Драги Рашковски, исто така, истакнува дека најавувањето на „нов, водечки правен факултет“, е навредливо и потценувачки за Правниот факултет „Јустинијан Први“, посебно со оглед на неговата традиција и неговото значење. Според Рашковски, предлогот е несериозен, без соодветна анализа, потценувачки и со маркетиншка цел во однос на неговиот „елитизам“.

???

„Во ситуација кога имаме 22 правни факултети и во услови на пошироко загрозување на правната сигурност, да се најавува некаков, како што велат, ‘елитен факултет’, може да се сфати единствено како потценување и несериозност. Најавувањето на водечки или елитен факултет е или маркетиншки трик, или начин да се фаворизира тој факултет“, истакнува Рашковски, додавајќи дека на Правниот факултет не му пречи конкуренцијата,  но не може да се согласи со чекорите во високото образование и во правното образование кои не ги отсликуваат реалните потреби.

Професорот Љубомир Фрчковски во рамките на своето алтернативно предавање на Правниот факултет, мината година, во однос на прашањето за презаситеноста од правни факултети, предложи неквалитетните правни факултети да се преиспитаат во работењето, а средствата што ги добиваат да се пренаменат за развој на постојното образование.

???

„Во државата имаме 22 правни факултети. Тоа е премногу и во овој случај како да се говори за финансиска автономија“, истакна Фрчковски, предлагајќи дека треба да се затворат оние правни факултети што не се квалитетни, а финансиските средства да се употребат и да се пренаменат за развој на постојното образование и за  обезбедување бесплатно правно образование.

М.В / veljanoskim@akademik.mk