/ Прочитано:

1.952

Презентација и дискусија на нацрт-матрица за мерење на перформансите на правосудството

Центарот за правни истражувања и анализи, во рамки на програмата „Подобрување на квалитетот на правдата во Македонија преку градење на капацитети за судии и мониторирање на судски реформи“, поддржана од Британската амбасада Скопје, денеска одржа тркалезна маса на тема: „Презентација и дискусија на нацрт-матрица за мерење на перформансите на правосудството“.

На тркалезната маса беше презентирана матрицата на индикатори за мерење на перформансите на правосудството која беше изработена од страна на експертски тим на ЦПИА, во соработка со претставници од Министерството за правда и Судскиот совет на Република Македонија. На настанот присуствуваа претставници од сите релевантни невладини организации, медиуми и академска заедница.

Мониторингот на перформансите во судството, беше посочено на настанот, претендира да оствари сеопфатен увид во работата на правосудниот систем преку анализа на три столба на податоци и тоа истражување за перцепциите за работата на правосудството, релевантните податоци со кои располага Судскиот совет и податоци од меѓународните извори.

Исто така, во фокусот на матрицата се неколкуте клучни области за функционирањето на правосудството, а тоа се, како што беше нагласено на тркалезната маса, ефикасноста, транспарентноста и одговорноста, квалитетот на судската правда, независноста и непристрасноста и професионалниот развој и соодветната застапеност.

Жарко Хаџи Зафиров, раководител на програмата во Центарот за правни истражувања и анализи, истакна дека матрицата има исклучителна методолошка важност во однос на перцепцијата  за судството од страна на сите чинители во правосудството, вклучително и на академската заедница, невладиниот сектор и медиумите. Една од целите на истражувањата на Центарот, вклучително и на матрицата за мерење на перформансите на правосудство, е да се нагласи и значењето на судската практика, која како што подвлече Хаџи Зафиров, е гарант за правната сигурност. Во таа насока, додаде Хаџи Зафиров, потребно е судиите да се сензибилизираат за ова прашање и да ја користат судската практика како извор за аргументација.

Лидија Стојкова-Зафировска, национален правен експерт, истакна дека оправданоста на матрицата е заснована врзпринципи кои имаат суштинско значење за перформансите на едно правосудство. Тие принципи, подвлече Стојкова-Зафировска, се релевантноста, сеопфатноста, спроведливоста и инклузивноста. Преку матрицата се зајакнува и културата на споделување знаење и таа е инструмент кој дава значаен придонес за анализа на важни прашања, како што се ефикасноста, независноста и непристрасноста на судството.

Ефикасноста, потенцираше Стојкова-Зафировска, подразбира работа во брз и разумен рок, но не на сметка на квалитетот, додека пак независноста подразбира и правичност како врвен приоритет во секоја судска постапка.

Д-р Катерина Шапкова-Коцевска, национален експерт за методологија и статистика, говорејќи за  методолошкиот пристап и начин на обработка на податоците, образложи дека матрицата на индикатори за мерење на перформансите на правосудството е објективна и аргументирана и за перформансите на правосудството ќе ги опфати перцепциите на  судиите, судските службеници, адвокатите, јавните обвинители, државните правобранители, нотарите, извршителите, медијаторите, странките во спорот (компании и физички лица), медиумите, невладините организации, академската заедница и Академијата за судии и јавни обвинители.

Никола Јовановски, програмски менаџер од Центарот за правни истражувања и анализи, го презентираше тимот на експерти и динамиката на работа за изготвување на матрицата, за која подвлече дека неслучајно ги вклучува и мислењата на медиумите, невладиниот сектор и академската јавност, а во насока на принципот на сеопфатност на матрицата на индикатори за мерење на перформансите на правосудството.

Практичниот пристап кон создавањето на матрицaта, беше образложено понатаму на тркалезната маса,овозможува ефикасно да се изврши проценка на тековната ситуација и резултатите од спроведените иницијативи и реформи.

Многу е важно, беше потенцирано на настанот, што оваа алатка е наменета за судскиот систем, па исто така може да се користи како инструмент за внатрешна евалуација и идентификување на областите што треба да се подобрат и мерките што треба да се применат. Во модерните демократии независниот и ефикасен судски систем се смета за клучен елемент на владеењето на правото што им овозможува на општеството и државата да се развиваат и да бидат дел од заедниците што споделуваат слични демократски вредности.

Во овој однос, велат од Центарот за правни истражувања и анализи, Македонија, како и секоја друга млада, европска, демократска и суверена држава, се соочуваше со предизвикот на итни промени кои мораше да се спроведат, со цел да се обезбеди напредок на правниот систем во согласност со европските стандарди во временски ограничен период.

Беа направени значајни обиди да се изгради судски систем независен  од другите гранки на власта и да се усвои ново законодавство што ќе обезбеди судска независност, соодветни постапки и делотворни судски активности.Овие процеси, истакнуваат од ЦПИА, сѐ уште не се завршени, напротив, на повидок се и уште нови иницијативи. Недостатокот на прецизен мониторинг на спроведените реформи и промени не само што го попречува процесот на конструктивни разговори за  понатамошниот развој, туку исто така ги намалува и мотивацијата и инспирацијата на луѓето што работат во тој систем и не гледаат конкретни резултати од своите напори.

„Делотворноста и ефикасноста на мониторингот и евалуацијата зависат од два значајни фактори: алатката за евалуација мора да биде лесна за користење, т.е. заснована на многу практичен пристап; и евалуаторите мора да бидат учесници во системот кои имаат поинаква перспектива“, посочуваат од ЦПИА.

„Во согласност со ова, идејата за матрицата се заснова врз овие принципи преку идентификување на групи на евалуатори (судската заедница, правната заедница и јавноста); дефинирање на опсегот на евалуација како определени области на судскиот систем (администрирање на правдата, администрирање на судовите и администрирање на системот); идентификување цели врз основа на нивната врска со опсегот; пропишување конкретни индикатори за различни области што ќе се евалуираат; избирање на анкетата како главен метод за собирање на информации“, додаваат од Центарот за правни истражувања и анализи, чиј проект на денешниот настан беше оценет како мошне корисен, амбициозен и иновативен.

M.В