Презентација на новиот концепт „Дигитална царина” по повод Денот на царината
Царинската управа денеска го одбележува Денот на царината, и на настанот по повод одбележувањето на својот празник ќе го презентира новиот концепт „Дигитална царина” и Годишниот извештај за работата на Царинската управа во 2018 година.
Царинската управа, како орган во состав на Министерството за финансии со статус на посебно правно лице, се институционализираше на 14 април 1992 година, со донесувањето на Законот за Царинската управа, добивајќи непосредно овластување да ги спроведува законите и другите прописи на Република Македонија во областа на царините и овој ден – 14 април, секоја година се одбележува како Ден на царината.
Царинската управа своите надлежности ги спроведува на целата територија на државата, а работите од својот домен ги извршува преку Централната управа и пет царинарници. Централната управа, чие седиште е во Скопје, координира и раководи со царинските надлежности на целата територија на државата, а царинарниците координираат и раководат со соодветен реон.
Царинската управа и нејзините вработени при извршувањето на своите надлежности постапуваат во согласност со Законот за Царинската управа, Царинскиот закон, Законот за Царинска тарифа, Законот за акцизите, Законот за царински мерки за спроведување на заштита на правата од интелектуална сопственост, Законот за вршење на работи за застапување во царинските постапки и други закони во кои се пропишани надлежности за постапување на Царинската управа.
Основни надлежности на Царинската управа се:
Спроведување на царински надзор, царинење на стока, царинска контрола, спроведување на акцизен надзор на целата територија на Република Македонија, истражни и разузнавачки мерки со цел спречување, откривање и истражување на царински прекршоци и кривични дела;
Заштита на сигурноста и безбедноста на луѓето, животните и растенијата, заштита на предмети со историска, уметничка и археолошка вредност, авторски и други права, како и други мерки на трговската политика пропишани со закон;
Спроведување на царински контроли по царинењето;
Спроведување на внатрешни контроли и ревизии во сите сфери на царинското работење и целокупното функционирање на Царинската управа, со цел откривање на случаи на непочитување на законите и интерните акти и злоупотреби при вршењето на службените должности од страна на вработените;
Водење на прекршочна постапка, изрекување на прекршочна санкција за сторен царински, акцизен и девизен прекршок, како и поведување на постапка по кривични дела утврдени со закон.
М.В