/ Прочитано:

790

Презентиран Годишниот извештај на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација

На 15.3.2022 година, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) го презентираше Годишниот извештај за 2021 година, во кој се содржани постигнувањата и реализираните активности од минатата година во насока на исполнување на надлежностите и обврските кои произлегуваат од Законот за спречување и заштита од дискриминација. Извештајот, исто така, содржи анализа на поднесени претставки до КСЗД од нејзиното воспоставување по донесувањето на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација во ноември 2020 година, како и претставките кои ги има преземено од поранешната Комисија за заштита од дискриминација.

Како што се наведува во Годишниот извештај, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во 2021 година постапувала по вкупно 167 поднесени претставки. Од нив, 77 претставки биле поднесени до поранешната Комисија во периодот од 2016 година, заклучно и вклучително со 2020 година. Останатите 90 претставки се поднесени во 2021 година и се доставени до новата Комисија, основана со Законот за спречување и заштита од дискриминација од 2020 година.

Најголем број претставки по кои Комисијата постапувала во 2021 година биле поднесени од лица/организации со живеалиште/седиште во Скопје (92), потоа следува Битола (7), Прилеп (7), Штип (6), Куманово (5) итн.

Но, доколку претставките се анализираат според типот на средината на живеење од кадешто се доставени, се јавува  огромна разлика меѓу нив. Имено, од урбани средини биле поднесени вкупно 138 претставки (93,88%), додека пак од рурални средини бројката изнесува само 9 (6,12%).

Во однос на основите за дискриминација, подносителите во своите претставки најчесто пријавувале дискриминација врз основа на лично својство и општествен статус (43), потоа врз основа на национална или етничка припадност (38), врз основа на пол (23), политичко уверување (20), припадност на маргинализирана група (19), образование (17), боја на кожа (16), раса (15), сексуална ориентација, родов идентитет и социјално потекло (14), имотен статус (11) итн. Подносителите во 20 претставки навеле и друга дискриминаторска основа која не се споменува во член 5 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, а во 28 претставки подносителите не навеле ниту една основа.

Анализата на податоците за пријавените основи на дискриминација во претставките кои биле поднесени од жените и мажите покажува дека жените најчесто пријавувале дискриминација врз основа на образование, додека мажите за нивното политичко уверување и национална, односно етничка припадност.

Комисијата, постапувајќи по поднесените претставки, утврдила дискриминација во 40 случаи, додека кај 39 се утврдило дека нема основ за дискриминација. За 10 претставки Комисијата донела заклучок за непостапување, неповедување или запирање на постапката, а 41 претставки биле отфрлени поради утврдена ненадлежност, неуредност, застареност и недопуштеност. За 37 претставки постапката е во тек и тие се водат како отворени предмети.

Во однос на претставките за кои Комисијата има донесено мислење за утврдување на дискриминација, најголемиот број се однесуваат на областите на работата и работните односи (15 случаи) и пристапот до добра и услуги (11 случаи), кои заедно сочинуваат преку 65%. Потоа следат областите јавно информирање, медиуми и социјални мрежи (7 случаи), правосудство, управа и избирачки права (4 случаи), образование (2 случаи) и спорт (1 случај).

Целосниот текст на Годишниот извештај може да го погледнете овде: Годишен извештај за 2021 година