/ Прочитано:

1.232

Презентиран Годишниот извештај за спроведување на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018 – 2022

Министерството за информатичко општество и администрација организираше јавна расправа на која беше презентиран Годишниот извештај за спроведување на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018 – 2022. На јавната расправа се обрати заменик-министерот Александар Бајдевски.

„Кога пред повеќе од една година почнавме да ја пишуваме Стратегијата и Акцискиот план, нашата заедничка цел беше конечно граѓаните на Северна Македонија да добијат квалитетни услуги, навремено испорачани, од професионални вработени во јавната администрација, ослободени од сите партиски притисоци, затоа подготвивме конкретни документи, со јасни активности и мерки, кои потоа лесно можат да се следат дали ги даваат очекуваните резултати“, истакна заменик-министерот Бајдевски.

Заменик-министерот потенцираше дека во многу делови од извештајот е констатиран напредок, но дека претстои уште работа за исполнување на сите поставените цели.

„Во текот на првата година од имплементацијата работевме на поставување на основите за реформските активности. Завршивме повеќе документи и стратегии кои се основа за реформа на јавната администрација, направивме ревизија на постојните и работевме на подготовка на нови закони за поставување на правната рамка. Поради недостиг од основни податоци, како и поради потребата од попрецизно мапирање на недостатоците и слабостите во областите што ги опфаќа СРЈА, изработивме и нови анализи и истражувања. Во овој дел, имавме и голема помош и поддршка од граѓанскиот сектор и од меѓународната заедница“, рече заменик-министерот.

Според него, реформата во јавната администрација е процес што е воден од МИОА, но за успешна реализација потребна е еднаква посветеност од сите вклучени страни.

Заменик-министерот Бајдевски ги посочи четирите приоритетни области кои се основа на Стратегијата за РЈА 2018 – 2022: Креирање на политики и координација, Јавна служба и управување со човечки ресурси, Одговорност отчетност и транспарентност и Давање на услуги и ИКТ-поддршка на администрацијата.

Одговорните лица во МИОА, задолжени за овие приоритетни области, подетално ги претставија досегашните активности, предизвиците, успесите, како и идните планови и  чекори.

Гордана Гапиќ-Димитровска, одговорна за првата приоритетна област, ги потенцираше проектите, како што се: новата нацрт-верзија на новиот извештај за Проценка на влијанието на регулативата и новиот интерактивен ЕНЕР којшто треба да биде пуштен во употреба наскоро со цел зголемена комуникација помеѓу администрацијата и граѓаните.

Билјана Николовска-Жагар се осврна на втората приоритетна област – Јавна служба и управување со човечки ресурси, односно на мерките и активностите со кои би се подобрила работата на администрацијата. Таа го посочи развивањето стандарди и критериуми за мрежата за човечки ресурси, а се осврна и на Предлог-законот за висока раководна служба.

Кристина Димовска, исто така, ги претстави предизвиците и активностите во однос на третата област – Одговорност, отчетност и транспарентност, при што меѓу другото ја потенцираше Методологијата за спроведување на функционална анализа, потоа напредокот во однос на пристапот до информации од јавен карактер, како и порталот за отворени податоци.

Четвртата приоритетна област од Стратегијата за РЈА – Давање на услуги и ИКТ-поддршка на администрацијата, ја претстави Елена Манчева. Таа го посочи процесот на подготовка на Стратегијата за развој на ИКТ, како и формирањето на Совет за ИКТ. Во изминатиот период во рамки на оваа област беа отворени првата сала за јавни услуги, каде што граѓаните ќе можат да добијат услуги од 10 институции. Вакви сали ќе се отворат и во останатите градови во државата, а наскоро ќе биде пуштен во употреба и порталот за е-услуги.

По презентацијата на Годишниот извештај, учесниците на јавната расправа имаа можност за дискусија и за поставување прашања. Исто така, МИОА на својата веб-страница ја постави нацрт-верзијата на извештајот, која е отворена за јавноста за коментари и сугестии.

Извештајот е достапен на следниот линк.

Презентација на Извештајот за Стратегијата за реформа на јавната администрација

Граѓаните се жалат на долгото траење на процедурите во администрацијата

Јавна расправа за измените на законите за вработените во јавниот сектор и за административните службеници

Годишен извештај и препораки на Агенцијата за администрација

Јавна расправа за Законот за висока раководна служба

М.В