Презентиран Извештајот на ОБСЕ за благосостојбата и безбедноста на жените
Денеска во Владата на Република Северна Македонија се одржа настан на којшто се презентираа резултатите од Извештајот на ОБСЕ за благосостојбата и безбедноста на жените во нашата земја.
Воведни обраќања на настанот имаа претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, шефот на Мисијата ОБСЕ во Република Северна Македонија, амбасадорот Клеменс Која, и специјалната советничка за родови прашања во ОБСЕ, Амарсана Дарисурен. Потоа следуваше дискусија за предизвиците и идните активности за спречување и борба против насилството врз жените, во која учествуваше и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
„Еден податок од Извештајот на ОБСЕ особено ме загрижи – само 2 проценти од испитаните жени кои имаат доживеано насилство од своите партнери го пријавиле тоа во полиција како сериозен инцидент. Ова мора итно да го менуваме. Жените во Република Северна Македонија треба и мора да се почувствуваат еднакви, сигурни, почитувани, вклучени и целосно интегрирани во општеството, со нулта толеранција за каков било облик на насилство. Наша заедничка обврска е да го овозможиме тоа. Да нема дилеми – жените се нашата сила за напред и наши еднакви партнери“, порача премиерот Заев во своето обраќање.
Заев рече дека насилството врз жените е неприфатливо и претставува кршење на основните човекови права и дека Владата заедно со сите засегнати страни ќе работи на унапредување на човековите права и на системско унапредување на родовата еднаквост и елиминирање на сите форми на насилство врз жените.
„Работиме на јасни и недвосмислени законски решенија со коишто се спречува насилството и се штитат жените жртви на насилство. Владата на Северна Македонија ја ратификуваше Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство (Истанбулска конвенција), а во октомври лани го усвои Акцискиот план за спроведување на Конвенцијата за периодот од 2018 до 2020 година. Исто така, се унапредуваат потребните услуги за поддршка и заштита на жените жртви на насилство. За првпат е отворен Центар за жртви на сексуално насилство, во кој жртвите ќе добијат психосоцијална поддршка и помош за нивна ресоцијализација и реинтеграција, како и три центри за упатување на жртвите на сексуално насилство, лоцирани во здравствени установи во Скопје, Куманово и Тетово. Насилството врз жените не е само женско прашање, туку прашање кое се однесува на секој еден од нас и токму затоа мора да работиме заеднички и да му ставиме крај.
Ве охрабрувам и ве поканувам сите заедно: институции, граѓански организации, меѓународни организации, активистки и активисти, да кажеме и да покажеме дека навистина нема толеранција за насилството врз жените и девојките во нашето општество“, посочи премиерот Заев.
Превенцијата и борбата против насилството над жените и девојките е еден од приоритетите, изјави амбасадорот Клеменс Која, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, и додаде дека тие треба да бидат безбедни, како во јавниот простор така и во домовите, за да можат да го постигнат својот целосен потенцијал и да придонесат кон социјалниот развој.
„Насилството врз жените и девојките не е прифатливо и против него мора да се бориме, да го осудиме и да го спречиме по секоја цена. Нашата мисија е подготвена да го поддржи Акцискиот план на Владата за спроведување на Истанбулската конвенција“, истакна амбасадорот Клеменс Која, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Тој упати порака дека сите треба да се заложат за нулта толеранција за родово заснованото насилство додавајќи дека превенцијата и борбата против насилството над жените и девојките е еден од приоритетите
„Родово заснованото насилство врз жените е социјален, а не индивидуален проблем. Истражувањето покажа дека речиси половина од анкетираните жени во земјата веруваат дека домашното насилство е приватно прашање кое треба да се реши во семејството, додека 3 од 10 жени веруваат дека жртвите претеруваат во своите тврдења за злоупотреба и за силување. Само два проценти од жените кои се соочиле со насилство од својот моментален партнер го пријавиле инцидентот во полицијата“, рече Амарсана Дарисурен, виш советник на ОБСЕ за родови прашања.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, во своето обраќање на панел-дискусијата се заблагодари на ОБСЕ за извештајот и истакна дека тој е посебно важен за државата бидејќи во минатото сите одлуки се носеле без да бидат поткрепени со докази и конкретни податоци.
„Иако пред нас постојат многу предизвици, сепак, оваа влада има силна политичка волја да работи на решавање на овој проблем и да ја спроведеме ратификуваната Истанбулска конвенција. Скопскиот Регион целосно ни е покриен со кризни центри за жени жртви на насилство. МТСП си постави задача дека годинава ќе отвори 5 сервиси и се надеваме со меѓународна поддршка да активираме соодветен кадар којшто ќе работи директно со жртвите. Дополнително, активно работиме на нов закон што ќе ги опфати сите форми на насилство врз жената, кој се очекува годинава да влезе во собраниска процедура”, рече Царовска.
Работилница за потребата од усогласување на Кривичниот законик со Истанбулската конвенција
Истанбулската конвенција пропишува низа стандарди кои треба да ги имплементира земјата потписничка
16 дена активизам против родово базирано насилство
АНАЛИЗА НА СЛУЧАИ НА ФЕМИЦИДИ: Потребно е фемицидот да се дефинира како посебно кривично дело
Оперативниот план за спроведување на Истанбулската конвенцијата на Министерството за правда
Законот за ратификација на Истанбулската конвенција пред пратениците
М.В