/ Прочитано:

894

Презентиран Извештајот за степенот на имплементација на законодавството на Енергетската заедница

Пред собраниската Комисија за економски прашања беше презентиран Извештајот за степенот на имплементација на законодавството на Енергетската заедница во Република Македонија. На презентирањето на Извештајот се обрати  директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Јанез Копач.

Копач упати честитки за чекорот напред направен во изминатиот период и истакна дека сега е време за концентрирање на важните реформи. Тој посочи дека земјата бележи напредок во однос на имплементација на законодавството на ЕУ по усвојувањето на Законот за енергетика минатата година.

Во годишниот Извештај за степенот на имплементацијата на законодавството, Копач се осврна на неколку точки: балансирање на пазарот, одвојување на сопственоста кај одредени претпријатија, отсуството на извршните активности во енергетскиот сектор, имплементација на Законот за нафтени резерви, употребата на биогоривата во транспортот и негова одржливост, како и многу други теми кои сè уште остануваат предизвик на политичарите и за чија имплементација треба да се вложат повеќе напори.

Во однос на обновливите извори на енергија, нотирано е дека се искористени само 18%, што не го постигнува и така намалениот таргет од 23%, во однос на финалната потрошувачка на енергија, а Македонија има определено 42 милиони евра, највисок буџет во регионот за финансирање и спроведување на обновливите извори на енергија.

Новиот Нацрт-закон за енергетска ефикасност, во соработка со Енергетската заедница, се очекува во текот на февруари да биде јавно разгледан и усвоен наскоро.

Во однос на животната средина, законите се во ред, но проблемот е во нивната имплементација. Квалитетот на воздухот останува голем проблем во Македонија, каде што голем удел имаат електраните на согорување и сообраќајот. Очекувањата се дека новиот национален акциски план на емисиите на јаглен ќе ги опфати овие прашања.

Пратениците истакнаа дека за прв пат се зборува за напредок на Македонија во енергетскиот сектор, а тоа е резултат на усвојувањето на Законот за енергетика од страна на Собранието.

Воедно, се согласија да биде организирана надзорна расправа во Собранието со цел да се направи сеопфатна анализа и да се утврди недоследноста во степенот на имплементација на законодавството на Енергетската заедница во нашата земја, на која ќе бидат поканети сите засегнати страни.

М.В