/ Прочитано:

1.713

Презентиран извештајот за успешната соработка меѓу Академијата за судии и јавни обвинители и француската Национална академија за правосудство

Францускиот амбасадор во Македонија, Кристијан Тимоние, денеска  го презентираше извештајот за еднодецениското искуство од соработката меѓу Академијата за судии и јавни обвинители и француската Национална академија за правосудство (ЕНМ) во сферата на реформите во правосудството.

„Академијата за судии и јавни обвинители и француската Национална академија за правосудство (ЕНМ) соработуваат веќе 10 години. Оваа соработка се остварува преку збогатување и подобрување на судските практики, низ размена на искуства на судии од Франција и од Македонија. Европската интеграција на Македонија е условена со зајакнување на правната држава, што подразбира воспоставување систем на обука и избор на судии кои ги исполнуваат објективните и унифицираните критериуми. Со ова еднодецениско искуство, двата партнера сакаа да направат анализа на досегашната, како и да ги утврдат насоките за идна соработка која ќе придонесе за збогатено размислување во рамки на реформската агенда донесена од новата Влада“, беше истакнато на денешниот настан.

На презентацијата на извештајот во резиденцијата на Франција во Скопје, најавено е присуството на министерот за правда, Билен Саљији и на директорката на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, Анета Арнаудовска.

„Во текот на 10-годишното искуство, покрај тешкотиите со кои се соочувавме, се покажа дека Академијата претставува корисна алатка за напредокот на Македонија кон Европската Унија и кон сите други интеграции кон кои цели. Академијата за овој период беше критикувана од сите страни. Тоа е доказ дека спровела извонредна работа затоа што со тоа ме потсети на мојата земја. Тоа значи дека кога судиите си ја спроведуваат својата работа, тогаш сите ги критикуваат. Можеби тоа не е единствениот критериум за успехот, но е еден од критериумите за независност“, рече  францускиот амбасадор Кристијан Тимоние.

Францускиот амбасадор појасни дека извештајот е изготвен од двајца експерти од ЕНМ, кои годинава престојуваа во Македонија и правеа проценка на целокупната соработка помеѓу академиите. Во извештајот се говори за аспектите на кои треба да се посвети внимание во насока на зголемување на финансиите, но и подобрување на репрезентативноста за сите етнички групи во Македонија. Во извештајот се нагласува и важноста на зголемениот практичен дел од обуките.

За францускиот амбасадор од особена важност е да се задржат критериумите за селекција на кандидатите, како и можноста во обуката да се вклучат судии од веќе постојните редови во судството. Важно прашање е и, како што подвлече амбасадорот, познавањето на странските јазици.

„Треба да се размислува и за степенот на познавање странски јазик како еден од критериумите за влез во Академијата и тоа познавање повеќе да биде насочено кон практичниот дел. Покрај англискиот, добро би било познавање и на друг јазик, како што е францускиот“, рече Тимоние.

За министерот за правда Билен Саљији, овој извештај е значаен особено од аспект на имплементација на Стратегијата за реформи во правосудниот сектор, во која е предвидено да има и подготовка на измени на Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, како дел од корпусот на правосудни закони. Според министерот за правда,  извештајот ќе биде основа за надминување на лоцираните недостатоци на нашиот систем на обука на судиите и обвинителите и предлози за нивно надминување, за што поквалитетно функционирање на Академијата во наредниот период.

Изразувајќи благодарност до Француската амбасада, директорката на Академијата, Анета Арнаудовска, ја нагласи континуираната поддршка што Амбасадата ѝ ја дава на Академијата.

„Академијата е пофалена во сите извештаи за прогрес на ЕК, на ГРЕКО, на Мрежата на академии на ЕУ, на сите регионални мрежи чијшто член е, за што зборуваат успешно завршените 70 проекти во изминатите 12 години. Во последниот извештај на Прибе, во кој се нагласува дека единствената препорака која беше исполнета со претходните препораки од 2015 година е таа за изборот на сите академци, за чиј целосен избор ЕУ и ГРЕКО нагласуваат дека треба да се почитува концептот за избор на судии и обвинители само од редот на завршени академци, неосновани се критиките дека Академијата вади неквалитетни кадри и дека има многу недоследности во работењето. Сите овие критики во еден работен документ, како што е Стратегијата за реформи на правосудниот систем, треба да бидат работни насоки поткрепени со конкретни предлози за подобрување на работењето на Академијата во сите сегменти. Сите недостатоци кои Академијата ги детектира се упатени до министерот за правда и Советот за реформи за разгледување и се надеваме дека ќе бидат добра основа за подобрување на работењето на оваа институција“, рече Арнаудовска.

Оваа година францускиот амбасадор во Македонија, Кристијан Tимоние, во име на претседателот на Република Франција, ја одликуваше директорката на македонската Академија за судии и јавни обвинители, Анета Арнаудовска, со орден „Витез на Националниот ред за заслуги“.

Амбасадорот Тимоние на доделувањето на орденот рече дека Арнаудовска во изминатите 10 години како директорка на Академијата постојано се залагаше за развој на соработката помеѓу Франција и Македонија, во областа на обуката на судиите и јавните обвинители, која е од капитално значење за унапредувањето на судството преку примена на европските стандарди.

М.В