/ Прочитано:

1.014

Презентиран Извештајот за застапеноста на детските права во работата на Собранието

Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ го презентираше Периодичниот извештај за застапеноста на детските права во работата на македонскиот законодавен дом.

Извештајот има цел да направи преглед на нивото на претставување на детските права од страна на пратениците во согласност со Конвенцијата за правата на децата. Утврдените наоди и заклучоците не претставуваат целосно отсликување на работата на Собранието, но имаат цел да ги поттикнат пратениците, собраниските служби и другите тела во функција на Собранието да стават поголем фокус на детските права во агендата на Собранието, а во согласност со Конвенцијата за правата на детето, ратификувана во 1993 година.

„Во текот на периодот од 1 јули до 20 декември 2019 година, собраниските комисии кои беа предмет на оваа анализа (Комисијата за образование, наука и спорт; Комисијата за здравство и Комисијата за труд и социјална политика) одржале вкупно 26 седници, третирајќи вкупно 40 предлог-закони, што укажува на висока фреквенција на функционалност на комисиите. Најмногу седници одржала Комисијата за труд и социјална политика (вкупно 10).

Комисиите имаат високо ниво на застапеност на детските права во нивната работа во известувачкиот период. Според анализата, на вкупно 11 седници се дискутирало за детските права (42%), од кои само на 7 седници се дискутирало директно за детските права (27%). Понатаму, детските права биле вклучени во 12 предлог-закони од вкупно 40 (30%). Директно, детските права биле застапени во 6 предлог-закони од вкупно 40 (15%).

Предлог-закони вкупно 12 биле поднесени од група пратеници, од кои 3 се предлог-закони за изменување и дополнување на закони по скратена постапка а само 1 е предлог-закон (Закон за младинско учество и младински политики).

Комисијата за труд и социјална политика, како и Комисијата за образование, наука и спорт во најголем дел, директно ги третираат детските права, за разлика од Комисијата за здравство, каде што индиректно се адресираат детските права. Најголем напредок при примена на детските права може да се забележи во Законот за основно образование.

Собранието дискутирало за детските права на 10 од 20 седници (50%) кои се одржале во периодот на известување. Од вкупно 25 точки, т.е. прашања кои се однесувале на детските права во рамките на работата на Собранието, 15 се однесувале директно на детските права. За детските права директно се дискутирало на сите седници на кои се поставувале пратенички прашања.

Фокусот на пратенички прашања кои ги засегаат детските права е образованието (8 од 11 прашања се однесувале на образованието), што е промена во споредба со претходните периоди во рамките на Собранието.

За прв пат во Собранието се донесуваат закони кои овозможуваат системски услови за практикување на учеството на децата и младите преку Законот за основно образование и Законот за младинско учество и младински политики.

Во текот на работата на Собранието, често се споменува загадувањето на воздухот во државата, а посебно во Скопје, имајќи предвид дека е состојба која негативно влијае на квалитетот на живот на децата“, се наведува во извештајот, кој во целост може да се преземе на следниот линк.

М.В